Арсовска: Информатички парк за искористување на потенцијалите на ИТ индустријата 


Една од мерките за економски развој на Скопје е искористување на потенцијалот на ИТ секторот преку создавање услови за работа во Скопје за ИТ секторот, а согласно тоа кандидатската за градоначалник на Скопје Данела Арсовска денеска најави иницирање меѓународен проект – Скопје ИНОПАРК.

„Скопје ИНОПАРК е информатичко-иновациски парк, ќе биде сместен во непосредна близина на градот со површина од повеќе од 7.000 метри квадратни. Наменет за научно истражување, поврзување и напредок на технолошките компании, менторирање и поддршка на старт-ап претпријатија, но и за привлекување на ИТ гиганти од светот. Ефектот за градот ќе биде зголемена потреба од добро платена работната сила од пазарот на труд, вмреженост во заеднички систем (Co-working), додадена вредност преку истражувачки и развојни центри (R&D), позиционирање на Скопје како технолошки центар во Западен Балкан но и позитивен економски ефект врз пошироката заедница“, истакна Арсовска.

Со овој проект, што го предлага Арсовска ќе бидат искористени потенцијалите на ИТ индустријата во Скопје но и ќе им се овозможат на младите луѓе услови за професионален раст и можности за економско јакнење.

Арсовска најави и дека новата градска власт, ќе даде поддршка на жените менаџери, со градење политики за родова рамноправност во администрацијата, квалитетно родово одговорно буџетирање, како и финансиска поддршка за отпочнување нови бизниси. 

„И кога зборуваме за економијата, на Скопје му недостига Скопскиот саем. Саемот беше препознатлив по бројни саемски манифестации, културни настани и општествени збиднувања. Ќе иницираме постапки за обезбедување нов објект за Скопски саем. Само така Скопје ќе биде модерен град. Со издржани проекти, брзи и сигурни решенија”, потенцираше Арсовска.