Според Арсовска, приватните превозници за пет години не пријавиле дека продале барем еден билет

Каде оделе 400.000 евра кои секој месец ги добивале превозниците од ЈСП са поминати 400 илјади километри, а при тоа не пријавиле ниту еден продаден билет, запраша градоначалничката Арсовска


Фото: Б. Грданоски

 

Град Скопје изготви нов јавен повик на кој секој од сегашните поединечни превозници, сопственик на приватен автобус ќе може индивидуално да аплицира, да добие линија на која ќе сообраќа и да работи чесно за обезбедување соодветен јавен превоз, соопшти денеска градоначалничката Данела Арсовска.

Таа истакна дека јавноста мора да ги знае вистинските причини за привидот за, како што рече, наводниот „хаос“ во сообраќајот, кој некој со намера го предизвикува.

„ЈСП ‘Скопје’ склучува договори со приватните превозници, во случајот ‘Макекспрес’ и ‘Слобода превоз’ врз основа на кој ЈСП има обврска на приватните превозници да им исплаќа по едно евро, а сега по зголемување на дериватите по 1,5 евра по извозен километар. Оваа обврска месечно чини околу 24 милиони денари, но од оваа сума треба да се одбие сумата која приватните превозници ја оствариле од продажба на билети за возење. Приватните превозници, согласно член 5 од нивниот договор, имаат обврска продадените билети да ги потврдат со фискална сметка и да ги валидираат во интегрираниот систем со ЈСП ‘Скопје’. Кога ќе го направат тоа, од вкупната сума која ЈСП ‘Скопје’ ја должи за извозен километар, се одбива сумата која од продадени билети ја оствариле приватните превозници“, објасни Арсовска.

Според неа, од аналитичките картички со кои е евидентирано финансиското работење кое произлегува од договорот со приватните превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“, истите од 2017 година, сѐ до овој момент немаат пријавено продажба на ниту еден билет во своите автобуси, иако пријавувале дека возеле околу 400.000 километри месечно.

„Ова го пресметувале по едно евро за извозен километар, а потоа го фактурирале на ЈСП. Или наједноставно, ‘Слобода превоз’ и ‘Макекспрес’ наплаќале билети, тие пари не ги пријавувале и ги ставале во џеб, а потоа фактурирале и 400.000 евра од ЈСП Скопје секој месец. Оваа ‘шема’ трае цели пет години. Како што може да се види од аналитичките картички, доказ дека ова се случувало е фактот што тие од 2017 година не добавиле билети од ЈСП Скопје кои потоа ги продаваат на патниците. Од 2017 година ‘Слобода превоз’ и ‘Макекспрес’ не пријавиле ниту еден продаден билет во ЈСП Скопје, иако за билети наплаќаат од патниците. Прашуваме, каде се овие пари?“, рече Арсовска.

Каде завршувале парите кои „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ требало секој месец да ги пријавуваат во ЈСП Скопје и УЈП од продажба на карти, ако пет години нема пријавено ниту еден продаден билет, запраша Арсовска. 

„Не знаеме на кој начин биле распределувани и кој превозник колку средства добил од парите кои ЈСП ги исплаќал кон овие две здруженија. Веруваме дека најголемиот дел од сопствениците на приватни автобуси кои членуваат во здруженијата ‘Макекспрес’ и ‘Слобода превоз’ се чесни луѓе кои од возењето автобус го прехрануваат семејството. Но, злоупотребите на овие здруженија нема да се премолчуваат, туку напротив со постапување на институциите овие злоупотреби ќе се спречат, што ќе резултира и со покренување на соодветна постапка по финалниот ревизорски извештај. За оние кои злоупотребиле да не шпекулираат за причините на прекин на договорите, Град Скопје изготви нов јавен повик на кој секој од сегашните поединечни превозници, сопственик на приватен автобус ќе може индивидуално да аплицира, да добие линија на која ќе сообраќа и да работи чесно за обезбедување соодветен јавен превоз“, потенцираше Арсовска.

Таа рече дека станува збор за сериозно затајување на данок кој не е платен во овиое изминати пет години.

Одговарајќи на новинарско прашање околублокадите на „Слобода  превоз“ најавени за утре, Арсовска рече дека станува збор за политичка манипулација, бидејќи раковдството на здружението знаело дека доколку неколку дена не сообраќа на линиите договорот им се раскинува по автоматизам.

„ЈСП се консолидира, се спроведуваат реформи во насока на прилагодување на еко стандарди и се движи кон трајно решавање на предизвиците во јавниот превоз“, заклучи градоначалничката. (Н.В.)