Арсовска: Департизацијата не смее да го прекине водоснабдувањето на Скопје


Фото: Б. Грданоски

Десетина дена жителите на Скопје се заплашуваат дека Градот ќе остане без водоснабдување со вода за пиење, мерка која е речиси невозможно да се оствари, а граѓаните ги штити Законот за снабдување со вода.

Имено, според тој Закон „Давателот на услугата е должен на корисниците на услугата да им обезбеди трајно и непрекинато снабдување со здравствено исправна и чиста вода за пиење преку изградениот водоснабдителен систем, како и одведување на урбаните отпадни води преку изградениот канализационен систем“.

Но, сепак, понесени од состојбата со ЈСП „Скопје“, кога првапт во историјата на Скопје, се случи два дена наутро, до некаде попладне, граѓаните на Скопје да немаат јавен градски превоз, од Сојузот на синдикати на Македонија, сакајќи да укажат на проблемите во ЈП „Водовод и канализација“ рекоа: „Немојте да дозволите да се доведете во ситуација како вчера кога немавте градски превоз да немате вода за пиење“, прозивајќи ја градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, да го смени новоназначениот директор на „Водовод и канализација“, Марјан Митовски, бидејќи ги малтретирал вработените.

Денеска, Арсовска, на вонредна прес-конференција рече дека „наспроти паниката која сакаат да ја креираат некои инструментализирани лица, Градот Скопје има непречено, квалитетно снабдување со вода“.

„Сега би сакала исто така да се осврнам и на најавите за штрајк и блокада на претпријатието. Денеска би сакала да кажам дека ги охрабрувам сите синдикални организации своето право на штрајк да го практицираат и реализираат секогаш кога сметаат дека работничките права се прекршени. Меѓутоа исто така сакам да апелирам и до работниците односно до вработените во овие јавни претпријатија да не дозволат да бидат инструмент, односно маша на неколкумина поединци кои што сакаат да се вплеткуваат во политички пресметки“, рече Арсовска.

Таа вели дека сите закани доаѓаат во момент кога е најавена департизација на градската администрација во градот Скопје.

„Конкретно за „Водовод“ не сметам дека смее да се дозволи некој да излезе и да бара оставка од некого затоа што не му се допаѓа, тоа едноставно не е целта на синдикалното организирање“, смета Арсовска.

Вели дека се работи за прераспределба на десетина лица, хоризонтално, што значи дека на овие лица не им е укинато никакво право. не им е намалена платата, а две од овие лица земаат плата над 60.000 денари, две од нив над 40.00 денари, „меѓутоа сега ќе треба да работат“.

Интервенција на „Водовод и канализација“ – Фото: Независен весник

Појасни дека ова претпријатие има над 1.250 вработени, а воизминатите 30 години е претворено во биро за вработување на политичките партии, шри што најголем дел од нив се административни кадри, а не технички персонал.

„Од оваа причина е најавена оптимизација на работните процеси и преквалификација, доквалификација и повеќе нема да можат да не одат на работа и да земаат плата или пак да одат на работа, да не работат и да земаат плата од 60.000 или 40.000 денари и да го оштетуваат буџетот“, вели Арсовска, додавајќи дека нема водоводџии и технички персонал, а има огромен број вработени во администрација.

„Сите кои треба да работат на обезбедување на оваа структура – фекална и атмосферска канализација се агажираат фирми од надвор, значи во исто време се плаќа техничка администрација и фирми кои се плаќаат од надвор фирми да го работат она што треба да го работи „Водовод“, вели градонаалничката.

Од прес-конференцијата на ССМ за состојбите во „Водовод и канализација“

По најавите за прекин на водоснабдувањето за Град Скопје, апелираше до надлежните институции, до Јавното обвинителство и до сите оние кои сметаат дека ова е индиција за планирање на попречување на работата и прекин на водоснабдувањето да преземат соодветни дејствија како би се спречило оваа закана да се реализира.

Вечра пак, Управниот одбор на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје го укина решението за раскин на договорите на 93 вработени, објави ССМ на Фејсбук.

„Врз основа на укажувањата од страна на единствениот репрезентативен синдикат за комунални дејности Синдикатот СУТКОЗ при ССМ за незаконските активности на Марјан Митовски во својство на в.д директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и решенија на Државниот инспекторат за труд и Државниот управен инспекторат за отстранување на незаконските дејствија извршени од него и неговите блиски соработници, Управниот одбор на вчерашната седница ги укина сите незаконски задолженија издадени од негова страна и го укина решението со кое истиот остави на улица многу семејства на работници од скопски водовод.