Арсовска бара одобрување 10 милиони евра кредит за 50 нови автобуси


Фото: Б. Грданоски

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во пресрет на денешната седница на Советот на Град Скопје ги повика советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржат точката за купување на нови еколошки автобуси.

– На денешната седница на Советот е предложена точка до советниците за набавка на нови еколошки автобуси, поради тоа упатувам апел до советниците од ВМРО-ДПМНЕ за реализација на програмата за „Модерно Скопје“ која ја поддржаа на локалните избори и ги повикувам да не се обидуваат да ја повлечат од седницата – порача Арсовска.

Според неа, оваа точка е многу потребна со цел да се подобри јавниот превоз во градот бидејќи Град Скопје распиша два јавни повици за приватни превозници на кои не се пријави никој, по што мораше ЈСП Скопје да продолжи да ги опслужува некои линии.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска кажа дека на седницата на Советот треба да се утврди заем од 10 милиони евра за 50 еколошки автобуси, а кој според неа ќе треба да биде реализиран преку домашните банки.