Арсовска не знае, ниту ја интересира каков договор бил потпишан за подземни гаражи низ Чаир, таа ќе гради монтажни


 

Изградбата на монтажни катни паркиралишта во Чаир е дел од програмата на скопската градоначалничка Данела Арсовска, која не знае и не ја интересира што ветувале или правеле нејзините претходници. 

Имено, денеска на прес-конференција во „Дрисла“ градоначалничката беше прашана дали овие монтажни паркинзи се истите оние за кои беше потпишан договор меѓу поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на Чаир Висар Ганиу и косовскиот бизнисмен Беџет Пацоли.

„Ова е ветување кое беше дел од мојата програма и ќе се реализира како дел од мојата програма. Другите што ветувале искрено, ниту знам, ниту ме интересира. Да биле кадарни да го спроведат, верувам дека имале соодветно време од четири години да реализираат она коешто им било во програмата. Меѓутоа за жал, реализирале само пет проценти од сопствената програма. Она што е ставено во програмата за модерно Скопје, а тоа се тие монтажни паркиралишта кои што се најсовремени и коишто ќе имаат можност да ги задоволат потребите на луѓето коишто живеат на тој потег ќе бидат реализирани, токму онака како што биле ветени во мојата програма, а не во нечии туѓи програми“, рече Арсовска.

Инаку, пред некој ден таа изврши увид на терен за започнување на изградба на нови монтажни катни паркиралишта на неколку локации, од кои една до ТЦ „Чаирчанка“, на улицата „Цветан Димов“, во Општина Чаир.

Планирани се нови монтажни катни паркиралишта на неколку локации во Скопје, меѓу кои е и паркингот до трговскиот центар „Чаирчанка“. Станува збор за простор на кој се планира да се изгради монтажно паркиралиште за да се зголеми бројот на паркинг места во овој дел на градот.