Архитектите бараат бесправното градење да се казнува, а не легализира
Асоцијацијата на архитекти на Македонија(ААМ) е против новиот Закон за повторно утврдување правен статус на бесправно изградени објекти бидејќи ги суспендира сите важечки прописи за урбанистичко планирање кои се грижат за квалитетот на изградениот простор и дава погрешен сигнал дека бесправното градење нема да се казнува.
Од ААМ порачуваат дека ако законот сепак се донесе, во него задолжително да се вметне потребата од спроведување на сите постапки неопходни за добивање дозвола за градба. Асоцијацијата бара поддршка за оваа инцијатива и од Комората на градежни инженери и другите струкови здруженија.
„Бесправното градење треба да биде казниво. Просторот е необновлив извор кој треба многу внимателно и паметно да се планира. Сите непланирани повреди на истиот треба да бидат соодветно санкционирани“, велат од ААМ.
Од таму потенцираат дека Законот е во колизија со важечките закони за урбанистичко планирање и законот за градење, бидејќи ја негира нивната суштина која се однесува на процедурите востановени за стратегиско планирање и организирање на изградената средина и управување и заштита на природните ресурси.
ААМ апелира уште еднаш да се разгледа потребата од носење нов Закон, затоа што со ваква декриминализација на бесправното градење се доведува во прашање и правната, материјалната, социјалната и финансиската еднаквост на учесниците во градбениот процес.
„Односно, државата покрај тоа што не успева да го менаџира просторот, не успева ниту во правниот сегмент од нејзиното правично владеење. Потсетуваме дека целиот процес на легализација на бесправно изградените објекти трае повеќе од 10 години и тука се поставува прашањето дали ќе се продолжи и со трет закон. Законот за легализација изгласан во 2011 година требаше да претставува трајно решение, нешто кое е спротивно на актуелните случувања со новиот закон (кој е во процедура) од кој се гледа дека решение повторно нема ниту на повидок“, велат од ААМ.