Аргентина влезе во рецесија


Аргентина во првиот квартал од годината влезе во рецесија, со повисока невработеност во услови на строги политики за штедење воведени од претседателот Хавиер Милеи.

Според Заводот за статистика, бруто домашниот производ (БДП) на Аргентина е намален во периодот од јануари до март за 2,6 отсто во однос на претходните три месеци. Додека економската активност на годишно ниво е намалена за 5,1 проценти.

Новиот аргентински претседател тврди дека треба да воведе ред во финансиите на државата, по долгогодишни буџетски дефицити и проблеми со отплатата на долговите. Неговиот фокус на буџетскиот суфицит беше добро прифатен од финансиските пазари, што се одрази на повисоките цени на акциите и обврзниците. Економијата, пак, претрпе тежок удар, а се зголемија сиромаштијата и бездомништвото.

Во првиот квартал од годината намалена е личната потрошувачка за 6,7 отсто во однос на истиот период лани, а државната потрошувачка е намалена за пет проценти. Увозот е намален за 20,1 отсто, а извозот е зголемен за 26,1 проценти.

Податоците на Заводот за статистика покажуваат дека стапката на невработеност во првите три месеци од годината е зголемена на 7,7 отсто од 5,7 проценти на крајот од минатата година, со околу 300.000 повеќе невработени лица.