Арбен Таравари ги отвори картите што одамна ги чуваше

Прво изјавуваше дека е „незаинтересиран“ за предлогот, потоа објави дека неговата АА ќе оди со опозицијата, сега амбициите се многу поголеми


Фото: Б. Грданоски

 

На почетокот на февруари сѐ уште актуелниот лидер на Алијансата за Албанците (АА), Арбан Таравари, изјави дека трите партии од албанската опозиција го наговараат да биде нивни заеднички претседателски кандидат (а и на АА), но дека тој не сакал да влегува во таква политичка авантура.

„Албанската опозиција има разговарано со мене јас да бидам претседателски кандидат, но не сум заинтересиран“, порача Таравари.

Откако денеска Таравари лично ја официјализира вчерашната најава дека тој ќе биде претседателски кандидат на албанската опозиција, онаа негова претходна изјава за „незаинтересираноста“ се сместува во поинаков контекст. Дека, веројатно, стратегија била однапред планирана.

Пред изјавата за „незаинтересираноста“ тројцата лидери на опозициската коалиција „Европски сојуз на промени“, плус Таравари, беа на средба со косовскиот премиер Албин Курти. Приклучувањето на Таравари на тројката изгледаше како изненадување, затоа што неговата партија е член на Владата и има свои министри, а тој учествува во креирањето на владината политика. И плус, како што се испостави не било координирано со клучните луѓе во партијата.

Почетокот на расплетот дојде многу брзо по средбата во Приштина, кога Таравари најави дека се приклучува на албанската опозиција, па реакцијата на Села… и сѐ што понатаму следеше. В недела Арбен Таравари веројатно ќе биде разрешен од функцијата претседател на Алијансата на итниот конгрес.

Оваа објава на Таравари, наводно била на предлог на претседателството на АА (кое претседателство?), од една страна речиси целосно го дисквалификува него од челото на партијата, а од друга ги меша политичките карти и во албанскиот и во македонскиот блок.

Речиси е неизбежно дека ДУИ сега ќе мора да објави оти и таа ќе истакне свој претседателски кандидат. Некои медиуми пишуваат дека тоа може да биде министерот за надворешни работи Бујар Османи. Застанувањето за кандидатот на СДСМ за претседателските избори би ја довела ДУИ во неблагопријатна ситуација да препушти можеби 100 илјади гласови за кандидатот на албанската опозиција. Блерим Река пред пет години доби 80 илјади. Некои анкети правени откако Талат Џафери стана премиер на техничката влада покажуваат дека рејтингот на ДУИ пораснал, што изгледа политички логично. Па прашање е дали интегративците ќе сакаат да го пропуштат тој момент, а особено што успехот во првиот круг може да послужи како ракетно гориво и за едната и за другата страна.

Средбата на опозицијата со косовскиот премиер Албин Курти изгледа е еден од клучните моменти во развојот на настаните

Премиерот Џафери денеска не сакаше да одговори на прашањето дали ДУИ ќе номинира свој кандидат на претстојните претседателски избори. „За тоа прашање ќе си одите до Речица и ќе седнете  да разговарате со лидерот. Јас сум премиер и ја претставувам Владата, а не Демократската унија за интеграција“, рече кусо Џафери по посетата на градинка во Липково.

Тој не сакаше да каже некој збор ни за кандидатурата на Таравари, затоа што секој негов коментар ќе бил излишен, бидејќи тоа е одлука на друга политичка партија.

Очигледно, претседателските избори ќе бидат исклучително интересна трка, иако до пред некој месец тоа воопшто не изгледаше така. Нешто слично како во 2009. Како резултат на оваа најава на Таравари сега се првата трескавични пресметки во партиите како да се настапи на парламентарните избори. Сосем веројатно дека од таканаречениот европски фронт нема да има ништо, што се однесува до заеднички листи, додека постизборна коалиција и натаму е главна варијанта.

Како Арбен Таравари ги смени картите за кусо време (барем од она што го зборуваше јавно) покажува и неговиот разговор на 19 декември во емисијата на „Слободен печат“. Тогаш тој рече „Ако одиме сите заедно (партиите од власта), мислам дека му правиме штета на СДСМ. Овој вокабулар што се користи во последно врeме, посебно од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, го поларизира општеството. СДСМ треба да ги собере сите проевропски македонски партии и на помалите етнички заедници и да си направи своја кампања. Ние, албанските партии, треба да размислуваме за опција да видиме што помалку блокови“. Тој тогаш изјави дека ако АА оди со ДУИ на изборите, ќе има 4/5 од вкупниот број на албански пратеници. Ако оди со опозицијата, ќе имале над половина.

Оттогаш неговите јавни размислувања се променија. Или не биле променети, само не биле кажани јавно. Едно прашање уште денес се поставува пред Таравари – кој ќе му ја води кампањата? Неговите нови побратими од опозициската тричлена група, или она што ќе остане од неговото крило во Алијансата за Албанците. Ако им ја препушти кампањата на тричлената група целата негова приказна поврзана со самите почетоци на Алијансата за Албанците ќе почне да ја снемува. (Љ.П.)