Априлијада во Скопје


Фото: Б. Грданоски

Детскиот културен центар „Карпош“, под покровителство на Град Скопје, на 1 април 2026 година, со почеток во 10:30 часот, на средината од приземјето во Градскиот трговски центар повторно ќе ја организира традиционалната детска манифестација „Априлијада“.

– Во рамките на програмата, ќе има ревија на маскирани деца од градинките, ученици од основните училишта, со танцови точки што ќе ја збогатат атмосферата со динамични и ритмички кореографии. Програмата ќе продолжи со настапите на балетската секција при ДКЦ „Карпош“, проследена од солисти – деца изведувачи на песните од „ЗОО Азбука“, балетското студио „Брејк а лег“ и „Марбал“, како и „златните славејчиња“ – соопштија од ДКЦ „Карпош“.

Воедно, и Театар за тебе ќе има своја уникатна изведба, а посебна атракција за посетителите ќе бидат настапите на кловновите, маскотите од познатите цртани филмови, како и на пантомимичар, кои преку интерактивна забава и хумор ќе создадат вистинска карневалска атмосфера и ќе ја раздвижат публиката. За крај на програмата, публиката ќе има можност да ужива во уникатната изведба на  сегменти од познатиот детски мјузикл „Аладин и волшебната ламба“, изведени на македонски јазик, од студиото за деца и младинци  „Бродвеј јуниор“.

– Настанот е наменет за децата, родителите и за пошироката јавност, а има цел да ги поттикне детската креативност, уметничкиот израз и духот на сплотеност преку музиката, танцот, театарот и хуморот. Едноставно, „Априлијада“ е забава за сите генерации – потенцираат од ДКЦ „Карпош“.