Апликација што ќе ве натера да го оставите автомобилот наградена како зелена бизнис идеја


Био-смарт ориз, мобилна апликација која ги наградува еколошки одговорните граѓани и еко-центар за градење на животни вештини на деца се македонски зелените бизнис идеи избрани за учество на регионален натпревар.
Во организација на здружението за социјални иновации „АРНО“, се одржа финалето на македонскиот натпревар за зелени бизнис идеи, а жирито ги избра идеите: „Challenger-Мобилна апликација која ги наградува сите еколошки одговорни корисници“, „Ракатрак- Природен едукациски центар за деца за животни вештини“, и „Производство на био-смарт ориз“ за македонски претставници на регионалниот натпревар на кој, во конкуренција со националните победници од Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Србија и Црна Гора ќе се натпреваруваат за поддршка од 10.000 долари.
За националните победници АРНО и годинава обезбеди поддршка од партнерите: првопласираната македонска идеја-апликацијата Challenger е наградена од Фондот за иновации и технолошки развој со ваучер за патување на промотивен настан во странство. Дополнително, сите три победнички идеи  добија вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000“.
Годинава, вкупно 12 зелени идеи се натпреваруваа за пласман во македонското финале. Финалистите се претставија со идеи за зелени бизниси кои имаат економска логика, позитивно влијание врз природата и заедницата, и во себе носат елемент на иновација. Покрај победничките идеи, во конкуренција беа и идеите: Treebanks-платформа за онлајн купување на сместување преку која со секоја трансакција се поддржува садење на едно дрво, Едукативни еко играчки, Анаеробен модуларен дигестер, Паметна кутија за апчиња направена од рециклирани материјали, Органски кремови од лешник со еко восочна обвивка, Тури со електронски велосипеди, Скулптури од отпад, Ma Belle – Еко ресторан со редовен ангажман на бабички кои подготвуваат традиционална храна и Puzzle Green Events -маркетинг агенција за организирање на „зелени“ настани.
„Оваа година на натпреварот пристигнаа 38 апликации за зелени бизнис идеи. Се радуваме што од година во година интересот расте. Нашата улога во натпреварот е да инспирираме што повеќе граѓани да размислуваат за зелена економија и да обезбедиме слух и поддршка за овие мали, значајни бизниси. Годинава, се радуваме што составот на жири комисијата е проширен со нови претставници од  донаторски агенции, ФИТР, Стопанската комора на Северо-Западна Македонија и очекуваме дека после 5 години искуство во организација на овој натпревар, патот за развојот на зелената економија е трасиран и имаме визија за иднината која заедно ја градиме“, изјави Ирина Јаневска од АРНО, координатор на проектот.
„Мотото на Фондот за иновации и технолошки развој е дека иновациите се применливи насекаде. Тоа се потврдува и преку сите овие интересни предлог проекти кои беа дел од овој натпревар. ФИТР ќе продолжи да поддржува проекти со “зелена компонента“ кои се социјално одговорни и имаат позитивен придонес за општеството“, изјави Бранислав Марковски од  Фондот за иновации и технолошки развој
„Тимот на нашата зелена бизнис идеја се состои од пет млади индивидуалци а тоа сме Теодора, јас (Олга), Стефан, Митко и Филип, кој моментално не е во земјата, но се враќа во септември, токму кога ние ќе ја лансираме нашата апликација. Што е Challenger? Едноставно, тоа е мобилна апликација која што ќе ве натера да го оставите својот автомобил дома и да посегнете по велосипедот или да одите пешки, затоа што ние сакаме да го креираме наративот дека секој човек кој оди пеш или вози велосипед заслужува награда. Сето тоа благодарение на локалните бизниси кои се присутни во нашата виртуелна продавница. Корисниците на апликацијата акумулирајќи километри имаат парички со кои што ги купуваат попустите, производите или услугите во нашата продавница“, изјави  Олга Рајчиќ од тимот на Challenger.
„Ракатрак се наоѓа во едно прекрасно место на планината Скопска Црна Гора, значи некои 16-тина километри оддалеченост од центарот на Скопје, во селото Чучер. За почетокот центарот нуди едукативни работилници-летни и зимски, пролетни и есенски, но не само едукативни работилници, туку ќе има и активности од типот на организирање интерактивни настани во природа, барање на богатството во себе, надвор од себе, работи кои ги забавуваат и големите и малите, а едноставно нема кај да ги добијат во овој момент и мора да ги добијат во Ракатрак“, изјави Дејан Спасовиќ од РАКАТРАК-Природен едукациски центар за деца за  животни вештини.
„Био-смарт ориз е ориз кој што се произведува на одржлив начин, имаме иновација технологијата е иновативна, се произведува на начин на кој што се грижиме да ја  зачуваме животната средина, да дадеме добар производ, производ кој што ќе стаса директно од нашите производители до потрошувачите, значи без никакви подготовки и доработки и сите тие работи, директно од производителите до потрошувачите“, изјави Јорданчо Лефков од Здружение на граѓани Јадрена група за одржливо производство на ориз – ОРИЗОВА БРАТИМКА, Чешиново.
„Филантропија преку зелени идеи“ е годишен конкурс кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грција и се одржува од 2012-та година. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји.