Аплицирајте на повикот на Општина Центар за нега на стари лица во домашни услови


 

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика повозрасните жители на општината да аплицираат на јавниот повик за нега во домашни услови.

Со овој проект 90 граѓани од Општина Центар добиваат помош и поддршка при извршувањето на домашните работи, од страна на стручни и обучени лица.

Ефектите и придобивките од овој проект, кој Општина Центар го реализира веќе шеста година по ред во соработка со невладината организација „Хуманост“, се видливи и тоа најмногу го чувствуваат нашите сограѓани кои се корисници на услугите.

„Со проектот ‘Нега на стари лица во домашни услови’ им помагаме на нашите повозрасни сограѓани полесно да се справат со секојдневните домашни обврски. Со помошта на стручните лица вклучени во овој проект на нашите баби и дедовци им овозможуваме полесна старост и обезбедуваме подобри пензионерски денови“, изјави градоначалникот Герасимовски.

Право на апликација имаат сите лица кои се над 60 години и се жители на општината, со поднесување на фотокопија од лична карта, фотокопија од потврда за примена пензија и фотокопија од медицински документ за здравствената состојба.

Преку проектот „Нега на стари лица во домашни услови“, Општина Центар обезбедува медицинска нега, вежби и совети од лиценцирани физиотерапевти, психолози, негуватели и социјални работници 3 пати по 2 часа во неделата во домовите на корисниците.