Петар Арсовски не го кодошел Ристо Шишков


По цели девет години судење, актерот Петар Арсовски успеа да докаже дека не бил кодош, а дека поранешниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Оливер Шамбевски го клеветел со намера да ги наруши неговите углед и чест.

Апелацискиот суд во Скопје деновиве донесе пресуда со која само се потврдува првостепената пресуда, а според која тужениот Шамбевски изрекол клевета на сметка на актерот Арсовски. Со најновата пресуда се потврдува дека познатиот актер не го кодошел својот колега Ристо Шишков, како што тоа го тврдеше на прес-конференција Шамбевски, дотолку повеќе што за истиот случај имало и многу други изјави. Со пресудата, напишана на девет страници, е опфатен и моментот дека Арсовски бил носител на советничката листа на СДСМ за град Скопје, објави правосудство.мк.

Инаку, со пресудата наместо бараните пет илјади евра, судот му наложува на Шамбевски да плати надомест на штета од само 120.000 денари и да ги надомести трошоците на судската постапка, која траеше цели девет години, токму поради непојавувањето на тужениот на суд, а за кој и државата не знаеше каде е, иако беше познато дека тој е во aмбасадата на Македонија во Пекинг, НР Кина.