Апасиев вели – има алтернативи за ЕУ. СДСМ и ДУИ веднаш го осудија


Фото: Б. Грданоски

 

Еден од организаторите на протестите околу францускиот предлог за кревање на бугарското вето, Димитар Апасиев, лидерот на Левица, вели дека Македонија треба да го промени курсот во надворешната политика и ЕУ да не биде главната цел. Во разговорот за Гласот на Америка Апасиев изјави дека Македонија требало да го фати „курсот на новиот светски поредок, а во којшто ЕУ ќе биде само слуга на Америка, како што е и сега“.

За него европската интеграција е само една од алтернативите, иако вели дека треба да продолжат преговорите со ЕУ но „во Унијата да влеземе како Македонци“. Тој вели дека е потребна реконструкција на надворешната политика. „Има многу алтернативи. Видете го српскиот пример. Го имате Движењето на неврзаните, каде што игра Вучиќ. Ги имате БРИКС, ја имате иницијативата ‘Појас и пат’ иницијативата, зближување со други големи светски сили. Има многу алтернативи“, вели Апасиев.

На ова реагираа СДСМ и ДУИ со слични соопштенија.

„Денес коалицискиот партнер на Христијан Мицкоски, Димитар Апасиев ја откри вистинската намера и цел на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – Левица, а тоа е да не бидеме членки ЕУ за други или поточно туѓи алтернативи. Тоа што го мисли Мицкоски гласно го зборува Апасиев.

Со оваа изјава на коалицискиот партнер на Мицкоски се потврдува сомнежот дека воопшто не станува збор за протести кои против европскиот предлог туку за целосна промена на стратешкиот курс на земјата и напуштање на евроинтеграцијата. Очигледно ова е вистинската скриена агенда на Мицкоски, директно насочена против ЕУ“, велат од СДСМ и го повикуваат Мицкоски да каже дали и тој се залага за Евроазиската унија.

ДУИ во својата реакција ги смести Левица, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и беса во „коалиција 61“, и оцени дека со изјавите на Апасиев била обелоденета проруската стратегија за протестите за спречување на членството на Македонија во Европската унија. Барајќи други алтернативи за промена на стратешкиот курс на земјата и заробување на патот кон европската интеграција.

„Демократската унија за интеграција од 5 ноември минатата година ја осуди руската  дестабилизирачка агенда зад коалицијата ‘ново мнозинство 61’, а истото денес се потврдува. Опозицијата треба да се изјасни кои се новите алтернативи што им се нудат на граѓаните. Дали ги споделуваат своите ставови со коалициониот партнер, Левица за евро-азиското партнерство?
Прогресивните сили ќе го финализираат најголемиот проект на Северна Македонија, интеграција во Европската унија, како единствена алтернатива за земјата“, вели во соопштението ДУИ.