Апасиев ја донесе Арсовска пред антикорупционерите


Фото: Б. Грданоски

До ДКСК пристигна пријава за нерегуларни трошења на кандидатката за градоначалник на Град Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска.

Данела Арсовска, официјално, е независен кандидат за градоначалник на Град Скопје, со различен број на гласачкото ливче од партијата ВМРО-ДПМНЕ, без склучен договор за коалицирање во изборниот процес.

Тоа значи дека, согласно Изборниот законик, на Арсовска ѝ следува само 3 отсто од буџетот за платено политичко рекламирање, односно околу 15.000 евра и само 30 секунди на секој час емитувана програма, како и за сите останати независни кандидати.

Meѓутоа, Арсовска користи 45 отсто од првиот пакет на парите кои им следуваат на ВМРО-ДПМНЕ и ААА, или според Димитар Апасиев од „Левица“, околу еден милион евра за реклами и потенцираше дека во овој случај има кривична одговорност за трошење буџетски пари за друг правен субјект, со друг даночен број, а не за оној кому му следува.

Политичката партија „Левица“ до ДКСК пред два дена поднесе претставка за случајот со трошењето на парите за кампања од Арсовска, со образложение дека тоа е незаконско.

Тие се сомневаат дека Арсовска ги користи буџетските средства и рекламниот простор кои што согласно со Изборниот законик ѝ припаѓаат на коалицијата „Обнова на Македонија“, иако и двата субјекта немаат склучено официјален писмен договор за коалиција, а како доказ за тоа наведуваат дека Данела Арсовска настапува под реден број 82, а коалицијата „Обнова на македонија“ под реден број 7 на гласачкото ливче.