Апанажа од Северна Македонија го чека Иванов

Десетина закони, кои во средата ги донесе парламентот, се испратени на потпис кај претседателот Ѓорге Иванов, кој во рок од седум дена треба да одлучи дали ќе ги потпише или ќе стави вето. Во претседателскиот кабинет се враќаат и дваесетина закони на кои Иванов одби да стави потпис, а парламентот ги усвои повторно. Во овој пакет не се трите закони што беа донесени со двотретинско мнозинство, а кои, како што најави вчера спикерот Талат Џафери, нема да се враќаат кај Иванов, туку се сметаат за донесени, така што ќе се почека да биде избран новиот претседател за да бидат објавени во „Службен весник“ и да може да стапат на сила.

Враќањето или евентуалното потпишување на законите што беа донесени оваа седмица се очекува да биде последната одлука на Иванов во неговиот втор мандат на чело на државата. В понеделник почнува кампањата за избор на негов наследник, така што Собранието, најверојатно, нема да заседава сè до 6 мај, односно до вториот круг од претседателските избори. Џафери најави дека во претстојниот период планира да закаже само уште една седница за прегласување на законите што беа донесени во средата, доколку Иванов и нив ги врати во парламентот, а со оглед на предвидениот рок од 30 дена за нивно повторно донесување.

На 12 мај годинава, само една седмица по вториот изборен круг, Иванов -единствениот досега претседател на државата кој двапати по ред доби мандат на непосредни избори – треба да замине од Водно, односно од резиденцијата во која тој беше првиот „станар“ уште од 2009 година. Иванов дојде на функцијата од катедрата на Правниот факултет, каде што долги години беше професор. Финалето на неговиот престој на Водно, пак, поминува во знак на непотпишувањето на законите на кои стои новото име на државата Република Северна Македонија. Во тој контекст, градоначалникот на скопската Општина Карпош, Стефан Богоев, од СДСМ упати деновиве прашање до Иванов дали барем ќе го потпише решението за доживотна апанажа како поранешен шеф на државата.

– Прашање до Ѓорѓе Иванов: Дали ќе го потпише решението за негова доживотна пензија по завршување на мандатот ако на него пишува Република Северна Македонија – напиша Богоев на Фејсбук.

Од кабинетот на Иванов се обидовме вчера да добиеме коментар на ова прашање? Но оттаму не ни одговорија дали досегашниот шеф на државата планира да се пензионира или пак да се врати како професор на Правниот факултет (при што предвидените привилегии како поранешен претседател би му биле во мирување). Или, пак, можеби размислува за некоја трета опција, на пример да замине како професор во странство, со оглед на шпекулациите што се ширеа за време на референдумот дека наводно планирал преселба во Турција – една од најчестите дестинации во неговата агенда додека беше шеф на државата.

Од кабинетот на Иванов не добивме одговор ниту на прашањата дали претседателот во заминување ќе стави вето и на новиот пакет закони што во среда ги донесе парламентот, како и дали планира да ги потпише законите што пратениците ги донесоа повторно откако тој еднаш ги врати во Собранието.

И додека Иванов ги пакува куферите за заминување од Водно, во предизборната арена тлее неизвесност околу исходот од претстојните избори, поточно околу можноста тие да не завршат со избор на нов претседател. Спикерот Џафери, кој би бил шеф на државата во случај да не се постигне цензусот од 40 проценти во вториот круг, изјави вчера дека во таков случај постои процедура според која целата постапка се повторува. Претседателот на Собранието, како што објасни Џафери, станува в.д. претседател на државата сè до изборот на нов претседател, но не подолго од шест месеци.

Пред стартот на кампањата, Џафери упати апел за фер и регуларни избори, посочувајќи дека тоа е во интерес на државата и еден од условите за датум за преговори со ЕУ.

– Апелирам до сите граѓани да го искористат своето право да излезат на избирачките места и со тоа фактички да придонесат кон почетната регуларност на целиот процес. Апелирам до политичките субјекти кои директно или индиректно ги поддржуваат кандидатите за претседател на државата со своите постапки и изјави да не придонесуваат кон вжештување на предизборната кампања, туку да покажат соодветно ниво на политичка култура во меѓусебната комуникација – изјави Џафери.

Во апелот до кандидатите за претседател тој се повика на нивниот интелектуален кредибилитет.

– На крајот апел и до самите кандидати, имајќи предвид дека во контекст на нивниот интелектуален кредибилитет ги имаат сите предуслови тоа и да го рефлектираат во кампањата и со интелектуалниот пристап кон граѓаните да придонесат изборите да бидат што поприфатливи за сите, односно кампањата да не добие негативна конотација – нагласи Џафери.

Александра М. Митевска