Антонио Милошоски и Илија Димовски се потпишаа на кандидатурата на Христијан Мицкоски


Пред четири години беа против инсталирањето на Христијан Мицкоски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и не заминаа на конгресот во Валандово, а денес се меѓу 50-те потписници на кандидатурата за уште еден мандат за лидерот на партијата. Антонио Милошоски и Илија Димовски, како што соопштува партијата ги ставиле потписите на кандидатурата на Мицкоски за конгресот што треба да се одрижи на 12 декември во Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека дека до партиските органи пристигнала кандидатурата за Мицкоски потпишана од 50 делегати. Во кандидатурата, мешу другото, пишува: „Ние како делегати на партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ покренуваме формална иницијатива за номинација на проф. д-р Христијан Мицкоски во изборот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Дадената недвосмислена и безрезервна поддршка е резултат на неговото досегашно одговорно, чесно и квалитетно раководење со партијата, големиот напор кој што го вложи кон стабилизирање на состојбите во најголемата политичка партија во нашата земја, како и на постигнатите позитивни изборни резултати од последните локални избори“.

Меѓу потпишаните делегати се и пратениците Дафина Стојаноска и Ели Панова, градоначалниците Тимчо Муцунски, Бобан Стефковски, Александар Стојкоски, Орце Ѓорѓиевски, Дарко Костовски, Борче Митевски, Стевче Трпковски…, потоа претседателите на женската и младинската организација, членови на комуникацискиот центар, но и Оливер Шамбевски, кој стана дел од партиското тело кое ќе ја надгледува работата на градоначалниците.