Антикорупциска ќе слави 20 години во срцето на „Скопје 2014“

Зошто антикорупционерите го одбраа Музејот на македонската борба, еден од најконтроверзните објекти во големиот коруптивен проект, за место на голема прослава?


 

Криминалецот се враќа на местото на злосторството. Или истражителите.

Државната комисија за спречување на корупција во вторник, 15 ноември, ќе ја слави 20-годишнината од нејзиното основање во еден од најконтроверзните објекти на проектот „Скопје 2014“ – Музејот на македонската борба. Почнат во 2008 година, кога беше најавено големото преосмислување на центарот на Скопје и идеолошката и античката трансформација, Музејот беше завршен во 2011 година со многу подолго име од досегашното.

Во време на владеењето на Никола Груевски тој беше место за важни државни настани за да се потенцира неговата важност во мрежата на културните институции на државата. Огромен број граѓани до денес избегнуваат да го посетат заради идеолошката пристрасност во него и затоа што тој е дел од огромната корупциска шема при изградбата на „Скопје 2014“.

Зошто се одлучила Антикорупциската токму таму да ја одбележи својата годишнина не е доволно познато. Дали тоа значи дека за антикорупционерите веќе нема ништо сомнително во изградбата на „Скопје 2014“ и дека таа истрага можеби треба да се заврши; дали сакаат одблиску тие и нивните гости да видат што е толку контроверзно во тој објект – или едноставно е направен превид при одбирањето на местото. А можеби се поистоветиле со името на музејот и се замислуваат себеси како дел од македонската борба.

Што и да е – изборот е несоодветен. Ќе беше подобро Антикорупциската да ја славеше својата годишнина на посекуларно место, ослободено од каква била асоцијација со „Скопје 2014“ и неговата фараонска коруптивна шема и архитектонско злосторство, а не да замине во еден од објектите кој има голема сакрална вредност за проектот кој ја подели Македонија. (Н.В.)