Антикорупциска бара Сања Лукаревска да се гони кривично

Прашањето за наводните незаконски вработувања во УЈП добива нов развој


Фото: Б Грданоски

 

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поднесе иницијатива до Основното јавно обвинителство за кривично гонење против поранешната директорка на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска.

Од ДКСК потврдија дека иницијативата е за кривично дело „Несовесно работење во службата“.

„Постапувајќи по предмет оформен по пријава со наводи за прекршување на законските одредби во изборен процес во Управата за јавни приходи, со донесување на решенија за распоредување на вработени и склучени нови договори за вработување за 978 вработени во Управата за јавни приходи“, наведуваат во пријавата од ДКСК.

За незаконски вработувања во УЈП информираше и директорката на Управата, Елена Петрова. Лукаревска денеска во изјава за медиумите, отфрли било какви незаконитости за вработувањата и рече дека одлуката била согласно законот за УЈП.

Според Петрова, поранешната директорка Лукаревска постапила незаконски со тоа што донела одлука со која на 129 вработени во февруари годинава за време на изборен процес им биле раскинати старите договори, а потоа склучиле нови за повисоки плати.

Државниот инспекторат за труд констатирал „незаконитости на колективната одлука за прекинување на старите договори“, со што се создал „хаос“ во УЈП, a на вработените им е наредено да ги вратат парите од покачувањето на платите.

Станува збор за сума од 18 милиони денари бруто, односно околу 300 илјади евра. Тие работеле како административни службеници, а со

Поранешната директорка Сања Лукаревска реагираше дека вработените во УЈП морале да добијат нови договори според измените на Законот за УЈП и дека целиот процес се водел со посебна работна група.

Таа додава дека со тоа што вработените ги префрлиле во даночни службеници решиле „голем проблем“ во УЈП и доколку не го направеле тоа во законски рок, вработените можеле да тужат, а таа кривично да одговара ако не постапила според Законот за УЈП.

„Одлуката согласно Законот за УЈП, се донесе на 12 февруари кога ја потпиша тогашниот министер за информатичко општество и јавна администрација“, вели Лукаревска.

Според Петрова, тогашната согласност од Министерството за информатичко општество и администрација била издадена врз основа на „своевидна манипулација и вметнување на работни места во правилниците“ за кои немало намера да бидат пополнети.

Експертите велат дека нема логика вработените во УЈП да враќаат пари ако добиле нови договори од нивните раководни лица.

Борче Давитковски, професор по административното право и јавната администрација на Правниот факултет во Скопје, вели дека не може вработените од свои средства да ги враќаат парите, затоа што смета дека на легален начин тие добиле зголемување на плата.

„Тоа е неоправдано. Тие биле административни службеници, направена е трансформација во даночни службеници согласно Законот за УЈП и претпоставка е дека тие како даночни службеници имаат поголем обем на работа и затоа имаат повисок коефициент на плата. Не може тоа некој да го укине и да ги тера да ги вратат парите“, вели Давитковски.

И од Синдикатот на УПОЗ велат дека сите синдикати, вклучително и синдикатот на УПОЗ при УЈП, заедно со раководството се вклучени во изнаоѓање на решение на овој проблем, со што нема да бидат оштетени вработените.

Од друга страна, Лукаревска вели дека со новите договори вработените го добиле тоа што им следувало со Закон, а смета дека со тоа не е прекршен ниту Изборниот законик.

„Преку целиот процес се боревме ниту едно работничко право да не биде скратено. Откажување на договор не е нешто ново во УЈП. Кога јас работев во УЈП, во 2017 година добив откажување на договор и потоа нов договор. Но, Државниот инспекторат за труд тоа не сакаше да го земе предвид, затоа што има уедначено постапување. Ние сме постапувале врз основа на тоа претходно искуство, кое се сметало за законски издржано“, вели Лукаревска. (РСЕ)