Анкетата на „Стратум“ и водството на СДСМ ја налути ВМРО-ДПМНЕ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ гневно реагираше на резултатите од анкетата на агенцијата „Стратум РиД“, нарачана од агенцијата Макфакс, според која СДСМ води со разлика од 2,1 отсто. ВМРО-ДПМНЕ вели дека таа компанија во неколку наврати добивала пари од Фондот за иновации и сега „пред избори мести анкети за СДСМ“.
ВМРО-ДПМНЕ уште обвинува: „Анкетата е лажна и за политичка употреба пред самите избори, што најдобро ја отсликува нервозата во СДСМ и поразот кој им следи. Компанијата која е соработничка на владата сега е соработничка и на СДСМ. Веројатно самите анкети се правени на компјутерот во седиштето на СДСМ, а не врз основа на научен и репрезентативен примерок“.
Посредно, со ваквите тврдења ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува и агенцијата Макфакс, која ја нарача анкетата.
Според резулатите од неа, за листите на СДСМ би гласале 24,9, а за ВМРО-ДПМНЕ 22,8 отсто од граѓаните. По нив следуваат гласачите што би се определелиле за независна листа со извонредно голем процент од 12,9 отсто. Поддршка за ДУИ изјавиле 10, а за Алијансата за Албанците 9,3 проценти. После нив е Левица со 6,4 отсто.
СДСМ реагираше на овие резултати, соопштувајќи дека „анкетите потврдуваат дека СДСМ е убедлив победник на изборите, ништо не ги спасува ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски од пораз“. Тоа било затоа што „СДСМ зад себе има резултати, има одговорни државнички политики и реализирани над 7.000 проекти на локално ниво“ и граѓаните „прават разлика помеѓу одговорниот, државнички однос на СДСМ и деструктивноста и безидејноста на ВМРО-ДПМНЕ“.