Анкета: Речиси 60 отсто од Русите бараат промени во земјата
Речиси 60 проценти од луѓето во Русија бараат значителни промени во земјата, а повеќето од нив како главна причина ги наведуваат сериозните промени во политичкиот систем, пренесува „Ведомости“ податоци од заедничко истражување на центрите „Карнеги“ и „Левада“ во Москва.
Според анкетата, процентот на жителите во Русија кои сакаат решителни промени во својата земја се зголеми од 42 на 59 за две години. За незначителни промени се изјасниле 31 процент, додека 8 отсто не сакаат никакви промени.
Од анкетираните, 53 проценти сметаат дека посакуваните реформи се можни само со големи промени во политичкиот систем, а 34 проценти се согласни на промени со задржување на сегашниот систем.
Меѓу оние кои најмалку сакаат промени се посочуваат владините претставници и бирократите – 69 проценти од испитаниците, олигарсите и големите бизнисмени – 67 проценти, поддржувачите на претседателот Владимир Путин – 25 проценти.
Само 16 проценти од анкетираните веруваат дека Путин може да предложи атрактивен план за промени, 9 проценти веруваат дека тоа може да го направи лидерот на руските либералдемократи Владимир Жириновски, а 5 проценти велат дека тоа ќе го стори лидерот на комунистите, Генадиј Зјуганов.
По 3 отсто во таа улога ги гледаат опозиционерот Алексеј Навални и министерот за одбрана Сергеј Шојглу.
Анкетираните забележуваат дека најнеопходна промена во Русија треба да се направи во однос на зголемување платите и животниот стандард – 24 проценти од гласовите. На второ место, со 13 проценти, се посочува смена на Владата и претседателот.