Ангеловска-Бежоска на пролетните средби во Вашингтон: Носителите на политиките ќе разговараат за светската економија

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводат делегацијата којашто ќе ја претставува нашата земја на Пролетните средби на групацијата на Светската банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што се одржуваат во Вашингтон, САД. Во состав на делегацијата учествуваат и вицегувернерите Фадил Бајрами и Ана Митреска, информираат од Народната банка.
Гувернерката и вицегувернерите веќе оствариле средба со претставници на Федералните резерви на Њујорк ‒ најголемата банка во американскиот ФЕД. Разговарале за уште подобра соработка, особено за плаќања и трансакции во долари, како и за начините за управување со државните хартии од вредност. Се зборувало и за заедничка работа во области како што се монетарната политика, управувањето со девизните резерви и ризиците и новите трендови во банкарството.
-Гувернерката со вицегувернерите ќе имаат повеќе состаноци со претставници на ММФ. Делегацијата треба да оствари средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот и алтернативниот извршен директор, Хероен Клик и Марникс ван Риј, како и со тимот на ММФ за нашата земја. Гувернерката и вицегувернерите ќе остварат средби и со претставниците на одделите за статистика, за монетарни и капитални пазари и правни работи при ММФ, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања од заемната успешна соработка, се вели во денешното соопштение од Народната банка.
Во рамките на Пролетните средби, делегацијата ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани, директорката за Западен Балкан во СБ, Шијаочинг Ју. Делегацијата ќе присуствува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Гувернерката и вицегувернерите ќе имаат средби и со претставници на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), заради размена на искуства за засилување на активностите за финансиска и родова вклученост. Претставниците на Народната банка ќе учествуваат и на тркалезната маса на Светската банка за зајакнување на регионалната соработка во доменот платежните системи.
Пролетните средби, нагласуваат од Народната банка, се значајна можност за носителите на економските политики од целиот свет да разговараат за важни и актуелни теми. Особена важност имаат состаноците на Светската банка и ММФ, каде што се разгледува напредокот во нивната работа. Темата оваа година е: „Работа – патот до успехот“.