Ангеловска-Бежоска: Монетарните мерки придонесуваат за солиден раст на кредитната поддршка


Мошне важно е што преку досегашните мерки на Народната банка во текот на ковид-кризата се спречи намалување на кредитната поддршка, со цел и да се помогне на реалната економија, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за емисијата „Актуелно“ на Македонското радио.

„Во услови на криза, еден од очекуваните ефекти е намалување на кредитната поддршка – заради намалување на побарувачката или воздржаност на банките. Но овој пат, преземените монетарни мерки придонесоа да не дојде до намалување на кредитната поддршка, односно таа да се одржува на многу солидно ниво. На крајот на минатата година, кредитниот раст изнесуваше 6 отсто, а сега, согласно со последните расположливи податоци со август, тој изнесува 8,8 отсто, при што има позитивни трендови и кај кредитирањето на корпоративниот сектор.“ – посочи гувернерката.

Наспроти тоа што на глобалните финансиски пазари, цената на финансирањето се зголеми, како што посочи Ангеловска-Бежоска, кај нас има благ надолен тренд на нивото на каматните стапки на кредитната поддршка. Имајќи ги предвид тековните услови, во претстојниот период не се очекува покачување на цената на кредитите.

„Општо познат факт е дека најважниот фактор за раст на економијата се структурните фактори, меѓутоа сепак, цената на финансирањето и обезбедувањето на финансиска поддршка за разни проекти коишто можат да бидат двигатели на раст може да има многу значаен придонес. Оттука и нашиот фокус е и во текот на оваа криза да нема заострување на финансиските услови и тие да останат поволни.“ – напомена гувернерката.

Во интервјуто, осврнувајќи се на ефектите од ковид-кризата врз македонската економија, таа посочи и на очекувањата за преостанатиот дел од оваа година.

„За третиот квартал сѐ уште нема податоци, но краткорочните економски индикатори што ги следиме упатуваат на поумерен пад на економијата во споредба со вториот квартал. Сепак, неизвесноста е присутна, бидејќи што ќе се случува во економијата зависи и од состојбата со пандемијата и од ефективноста на макроекономските политики – и монетарната и фискалната политика се релаксирачки во овој период, со цел да се компензира негативниот ефект од шокот со којшто се соочуваме од ковид-кризата.“ – истакна Ангеловска-Бежоска.

За одржливи повисоки стапки на економски раст понатаму, како што истакна гувернерката, многу е важно да се продолжи со спроведување на структурните реформи, зашто само така се зголемува долгорочниот потенцијал на економијата.

„Потребно е да се продолжи со структурни реформи коишто влијаат на трите клучни фактори на економски раст – трудот, физичкиот обем на капитал и продуктивноста. Особено е важно да се работи на зголемување на продуктивноста. Доколку расте продуктивноста, со тоа природно се создава простор за раст на платите и повисок животен стандард на граѓаните. Во насока на раст на продуктивноста, потребно е натамошно вложување во квалитетот на институциите, во нови технологии и иновации.“ – порача Ангеловска-Бежоска.