Ангелов: Сѐ нека изгори, нека бидат живи и здрави луѓето!


Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов објасни за ситуацијата со пожарот во Кочани, при што рече дека  побарал хеликоптер за Кочани, меѓутоа истиот бил веќе во Нагоричане, а потоа не можел да стигне до Кочани.

„Најверојатно причината е спој на жици од бандери. И не станува збор за стар пожар како што се појавија шпекулации, туку за сосема нов. Сувата вегетација придонела пожарот да се рашири во неколку различни правци. Кога ситуацијата стана сериозна, од страна на градоначалникот, од мене беше побаран хеликоптер. Но, тој дејствуваше во Нагоричане, и беше ризик. Поради тоа хеликоптерот дејсствуваше на тој терен кој е тешко пристапен, додека пожарот во Кочани кој се движеше полека кон првите куќи и кон едно соседно село, можеше да се контролира од земја.

Како држава имаме ограничени ресурси и од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и кој да дојде на власт нашите ресурси ќе бидат ограничени. Ние тоа треба да го сфатиме, но нашите капацитети тие се со децении и години наназад. Хеликоптерот не можевме од Нагоричане да го упатиме кон Кочани поради тоа што немаше доволно гориво. За да дојде во Кочани требаше да се врати назад, и да наточи, но во тој случај немаше да стигне“, рече Ангелов.

Тој кажа дека хеликоптерите не можеле да летаат и на пеколни температури.

„На температури над 37 степени не е безбедно да се летаат хеликоптери. Дали треба да ги загрозуваме? Не може да летаат на овие пеколни температури. Зарем треба да падне хеликоптер за некој да сфати дека не може да летаат и тие се ограничен ресурс?“, рече Ангелов.

Тој вели дека вчера бил слободен и со приватно возило заминал во Крушево, но од таму не можел да предвиди дека ќе се појави пожар.

„Еве сега додека држам прес-конференција некаде може ќе се појави пожар. Значи ли тоа дека не треба да имам прес-конференција? Вчера имавме 14 активни пожари и како можам јас да ги менаџирам сите тие пожари. Мојата екипа од ЦУК вчера машки изработи на терен. Оние кои велат дека не сум презел ништо очигледно е дека не гледаат вести, бидејќи јас вчера бев гостин на неколку вести во живот. Хеликоптерот околу пладне направи пауза, и цела јавност треба да знае дека небезбедно е да лета хеликоптер на 37 степени. Па зарем треба да се ризикуваат животите на пилотите? Се нека изгори, нека бидат живи и здрави луѓето. Дрвјата пак ќе се вратат, а загубените човечки животи, не. Пред неколку дена хеликоптерот прегреа и беше ризик за животите на посадата, мораше леталото да се крене на висина од 2.000 метри за да се излади. Хеликоптерот кога требаше да замине од Куманово за Кочани немаше гориво. Горд сум бидејќи ние како држава и ЦУК спасивме вчера човечки животи. Луѓе вчера можеа да умрат”, вели Ангелов.

Тој додава дека надлежност на ЦУК е да спасуваат животи.

„Спасивме животи на луѓе, а потоа сѐ останато. 1.100 војници на АРМ се во приправност, а 200 се веќе на терен и тие иако не се пожарникари, дадоа сѐ од себе и го изгаснаа пожарот во Кочани, благодарение на тоа што директорот на ЦУК побара од врховниот командант дозвола за вклучување на армијата. Вчера се создаде паника, а таа убива и во војна и во мир. Паниката не нѐ носи никаде, во Кочани изгореа само два покриви од куќи, а луѓето ќе бидат обесштетени. И Владата и градоначалникот на Кочани ќе направат сѐ за да ги обесштетат луѓето”, вели Ангелов.