„Ангели во Америка”: Премиерата на наградуваната претстава на Тони Кушнер на 1 септември во МНТ


Премиерата на ремек делото на Тони Кушнер, „Ангели во Америка”, добитник на Пулицерова и многу други награди, ќе ја има својата премиера на 1 септември, на сцената во Македонскиот народен театар, во режија на Филип Петковски. Ова беше соопштено на денешната прес-конференција во МНТ.

– Во 1991 година, инспириран од својот приватен живот, Тони Кушнер ја пишува „Ангели во Америка: Среќна фантазија на национални теми”, дело што засекогаш ќе ја промени светската театарска историја, а Кушнер ќе го позиционира како еден од највлијателните американски драмски автори. Текстот ја добива Пулицеровата награда за драма, наградата Тони, како и речиси сите други значајни признанија во театарот. А тоа се должи на способноста на овој драмски текст да го претвори театарот во моќна алатка за општествени коментари преку личните приказни на ликовите, комбинирајќи извонредна драматуршка структура, акцент на актерската игра и симболични сцени што и денес звучат релевантно, беше кажано на пресот на кој присуствуваше режисерот Петковски со актерите и речиси целиот тим вклучен во реализацицјата на претставата.

Премиерната изведба на претставата, ќе се случи на големата сцена на Македонскиот народен театар, со почеток во 20 часот. Втората изведба е закажана за 2 септември. Во претставата играат Јордан Симонов, Александар Стоименовски, Стефан Спасов, Илин Јовановски, Наталија Теодосиева, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

– Сместена во Њујорк во 1980-те, во време на конзервативната политика на Роналд Реган и јавна незаинтересираност за епидемијата на СИДА, „Ангели во Америка” ја следи судбината на четири геј ликови и нивните најблиски, чии приказни зборуваат за љубов под незамислив притисок, за страв и храброст, за вера и сомнеж, за човечката потреба да се најде надеж, дури и кога светот е решен да ја уништи. Овие приказни се испреплетуваат и со реални историски личности, како познатиот адвокат Рој Кон кој јавно ја негирал сопствената хомосексуалност, но, на крајот умира од СИДА, беше споделено на прес- конференцијата.

Сценографијата во претставата е на Мартин Манев, костимографијата на Антонија Гугинска – Јорданоска, додека продуценти на проектот се Петар Антевски и Филип Петковски.

Претставата се реализира како копродукција на Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт” – Скопје и Македонскиот народен театар, со поддршка на Министерството за култура, Европска куќа – Скопје, Германската амбасада во Скопје и Здружението „Заедно посилни” и Gilead sciences Europe LTD.

Во изјава за МИА, актерот Илин Јовановски рече дека многу теми се обработуваат во претставата.

– Според мене, една од најважните работи во оваа претстава е, борбата кај секој индивидуалец во претставата за својата слобода и како реагира човек, во недостиг на таа слобода, подвлече Јовановски.

На прашање од МИА, токму околу таа слобода, тој се осврна и на тоа, како, според него, стоиме како општество, со предрасудите и табуата.

– Мислам дека се движиме, не мислам дека стоиме. Е сега, дали тоа може малку побрзо да се случува, може. Секако, треба секогаш да се бориме против предрасудите, бидејќи предрасудата е само еден недостиг на информации. Од нешто што не се знае, од недоволна информираност. Обично луѓето поради тоа, реагираат, како што реагираат. Но, дефинитивно треба да се бориме против тоа, порача актерот.

Билетите за премиерата и втората изведба се достапни на билетарата на Македонскиот народен театар, како и онлајн на веб-страницата на театарот.

Претставата не се препорачува за лица помлади од 16 години.