Андоновски најави редизајн на порталот услуги, а тој е министер во непостоечко министерство


Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, денеска на брифинг со новинарите ги претстави сите новини кои ќе се случуваат во дигитализацијата во Македонија, но ако се побара на интернет ова министерство – тоа не постои.

Министерството за дигитална ттрансформација е едно од новите во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, откако Министерство за информатичко општество и јавна администрација се подели, по изборите.

Стефан Андоновски е министер за дигитална трансформација, но тоа го пишува само во делот „министер“ на порталот која сѐ уште е под називот МИОА (mioa.gov.mk) .

Кога ќе посакате да видите кој е министер, се појавува неговото име и под него „министер на министерство за дигитална трансформација“, како и неговата биографија.  

За, сега веќе повеќе од 100 дена од формирањето на новата Влада, никој од главните дигитализирачи во одговорното министерство не успеал да го смени називот на министерството на веб-порталот, па во горниот лев агол сѐ уште стои дека тоа е Министерство за информатичко општество и јавна администрација. 

Инаку, денеска, Андоновски на брифинг со новинарите најави дека Министерството работи на целосен редизајн на порталот за услуги – uslugi.gov.mk.

„Свесни дека постојниот изглед на порталот за е-услуги не ги исполнува целосно потребите на граѓаните се зафативме со сериозни негови подобрувања. За кратко време ќе имаме обновен портал за услуги со изглед кој е поинтуитивен и полесен за користење, кој ќе понуди нови функционалности и пристапност за лицата со попреченост и нови услуги и ќе се осигураме дека тие одговараат на реалните потреби на граѓаните“, истакна Андоновски. „Веруваме дека со овие подобрувања ќе создадеме портал што навистина ќе ги задоволува потребите на нашите граѓани и ќе прерасне во едноставна и единствена точка за контакт меѓу граѓаните и институциите“, потенцира Андоновски.

Во своето излагање Андоновски најави и 100 нови електронски услуги во 2025 година, достапни на порталот за услуги.

Но, основниот портал, од каде што треба да тргне дигитализацијата сѐ уште и по 100 и повеќе дена од новата Влада, е со стар назив. Ако со оваа динамика одат и најавените промени, 2025 година тешко дека ќе донесе подобрени дигитални услуги за граѓаните.