Анализа на „Лансет“: Цехот за поевтините американски лекови би можела да го плати Европа
Планот на американската администрација со кој Доналд Трамп сака драстично да ги намали цените на лековите на домашниот пазар би можел да доведе до поскапување во Европа, но и да го одложи доаѓањето на нови терапии на европскиот пазар, предупредува нова аналитичка студија на меѓународна група истражувачи, објавена во списанието „Лансет“.
Предупредувањето на истражувачите од Лондонската школа за економија, како и од универзитетите Харвард и Цирих, не е само песимистичка проценка на аналитичарите. Самата Бела куќа во официјален документ наведува дека поврзувањето на американските цени на лековите со цените на меѓународниот пазар ќе создаде притисок цените на лековите да пораснат и во другите богати држави.
Американската администрација отворено очекува дека цените меѓу развиените земји со време ќе се приближуваат, со комбинација од нивно намалување во САД и зголемување во Европа.
Трамп ја застапува тезата дека Американците, поради високите цени на лековите, всушност ги субвенционираат глобалните фармацевтски иновации од кои другите држави имаат корист по значително пониска цена.
Истражувачите анализираа 195 лекови заштитени со патент, за кои американската државна програма Медикер годишно издвојува речиси 76 милијарди евра.
Според нивниот модел, почетните заштеди за САД би изнесувале меѓу 16 и 18 проценти, додека по пет години би можеле да бидат и трипати поголеми.
Меѓутоа, анализата укажува на сериозен ризик за остатокот од светот. Кај приближно три четвртини од анализираните лекови, износот што производителите би морале, преку дополнителни повратоци на пари, односно рабати, да ѝ го уплатат на програмата Медикер, би бил поголем од нивната вкупна годишна продажба на тој ист лек во референтната држава, како Јужна Кореја, Норвешка или Австралија.
Во просек, проценетата заштеда за Медикер би била 3,8 пати поголема од вкупниот приход што фармацевтската компанија го остварува со продажба на тој лек на целиот референтен пазар.
Тоа значи дека на компаниите финансиски повеќе би им се исплатело да ја зголемат цената на лекот или воопшто да не го пласираат на помалиот европски пазар, отколку да претрпат повеќекратно поголеми финансиски загуби во САД.
Политиката на Трамп предвидува задолжително поврзување на цените што ги плаќа Медикер со најниските цени во другите развиени држави. Планот би требало да се спроведе преку два петгодишни модели, ГЛОБЕ и ГУАРД. ГЛОБЕ ги опфаќа скапите болнички и биолошки терапии, а предвидено е да почне да се применува во октомври 2026 година. ГУАРД се однесува на одредени лекови на рецепт кои се издаваат во аптеките, а неговата примена би требало да почне во јануари 2027 година.
Двата модела во почетната фаза би опфатиле околу четвртина од корисниците на програмата Медикер.
Студијата не ги пресметува прецизните износи на можните поскапувања, пред сè поради тајноста на договорот меѓу државите и производителите на лекови. Сепак, европските здравствени стручњаци потврдуваат дека притисокот е веќе присутен.
Сесар Ернандес, директор за фармација во шпанското Министерство за здравство, изјави за „Ел Паис“ дека засега забележуваат одредено забавување на новите комерцијални понуди, што укажува на тоа дека фармацевтските компании чекаат да видат како ситуацијата во САД ќе се развива понатаму.
Економистите кои се занимаваат со здравство истакнуваат дека европските држави овој притисок би можеле да го ублажат со договарање доверливи попусти во договорите со производителите.