Анализа: Конфискацијата на нелегално стекнатиот имот е мала и многу ретко се изрекува


Мерката конфискација на нелегално стекнатиот имот во нашето законодавство е воведена од 2004 година, но нејзината практична примена во судовите низ државата се уште е ретка. Во изминатите 5-6 години имаме само 40-тина предмети во кои е применета конфискацијата, од кои само 35 се правосилни. Во 30 правосилно завршени предмети, анализирани во последните 12 месеци, само во пет проценти е побарано конфискација од јавниот обвинител, а нелегално стекнатата имотна корист се движела од 240 илјади денари, до 14 милиони денари. Дополнително конфискацијата, многу ретко се изрекува во случаите на организиран криминал и корупција и поради тоа, сумите на конфускуваниот имот се релативно ниски.

Ова го покажуваат податоците собрани од спроведениот мониторинг на кривични судски постапки во 11 основни судови низ земјава во изминатите 12 несеци, во рамки на проектот „Правен, финансиски и физички пристап до правда во основните судови во Република Северна Македонија“ на Коалицијата „Сите за правично судење“.

Извршната директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“ Натали Петровска, нагласи дека мерката конфискацијата во нашето законодавство е воведена во 2004 година, а првата примена е четири години подоцна и нејзината практична примена во судовоте во држават се уште е ретка.

– Загрижувачки податок е тоа што во изминатите 5-6 години имаме само 40-тина предмети во кои е применета конфискацијата, од кои сао 35 се правосилни. Тоа покажува колку е минорна примената, со оглед на растот на организираниот криминал и корупција и предметите кои се водат по таа материја, рече Петровска.

Правниот истражувач и експерт на Коалицијата „Сите за правично судење“ Дарко Аврамовски, посочи дека е направен увид во сите 30 правосилни предмети во изминатите 12 месеци за кои е изречена конфискација, и дека сите случаи се во Основниот кривичен суд во Скопје.

– Кратката анализа на законската рамка покажува дека има повеќе различни дефиниции на конфискација, заплена, земање или одземање, што само придонесува кон конфузијата. Во пракса постои несоодветно разликување меѓу конфискување на имотна корист и одземање на предмети со кои е сторено кривичното дело и кои произлегуваат од кривично дело. Поради тоа е тешко да се дојде до официјална статистика и го отежнува прибирањето и анализирањето на податоци. Потребни се измени во таа насока, за усогласување на правната рамка со европската легислатива, нагласи Аврамовски.

Конфискацијата, посочи Аврамовски, многу ретко се изрекува во случаите на организиран криминал и корупција и поради тоа, сумите на конфускуваниот имот се релативно ниски. Од правосилно завршените предмети кои ги разгледавме, само седум се од организиран криминал, а 23 од областа на финансиски криминал, додека само во пет проценти е побарано конфискација од јавниот обвинител.

– Сумите во предметите се разликуваат. Нелегално стекнатата имотна корист се движи од 240 илјади денари, до 14 милиони денари, меѓутоа има предмети во кои конфискуваната имотна корист е многу ниска, особено во случаите на даночно затајување, каде апсолутно најниска изречена конфискација е некаде околу 30 илјади денари, изјави Аврамовски.

Отсуството на барања од Јавните обвинители, посочи тој, делумно влијае и на отсуството на одлуки за конфискација, нагласувајќи дека само во девет од 30 случаи во кои е изречена конфискацијата постои некакво формално барање од обвинителот, додека во 21 случај немало вакво барање.

– Тоа се должи на толкувањето на обвинителите дека немаат обврска да предложат конфискација, туку судот одлучува за тоа прашање, секогаш кога смета. Очекувано, во 50 проценти од случаите, станува збор за непосредна конфискација, односно одземање на директниот приход од кривичното дело. Во 10 проценти станува збор за барање за посредна конфискација, меѓутоа во 40 проценти станува збор за барање за проширена конфискација на имот. Во апсолутни бројки, ова се четири предмети каде е побарана проширената конфискација од страна на обвинителите. Интересно, е што во сите четири случаи тоа е направено во завшните зборови, изјави Аврамовски.

Во 75 проценти од случаите, нагласи тој, не е побарано мерка за привремено обезбедување на имот.

Јавниот обвинител Ленче Ристоска, посочи дека од нејзиното досегашно искуство постојат два пристапи со координацијата на финансиските истраги во рамки на истражната постапка – едниот кога се прават во истражен центар при ЈО, како во случајот со СЈО, каде главен раководител на истрагата е обвинителот, додека вториот пристап е кога целата истрага се доверува на финансиската полиција.

– Мојот впечаток е дека ЈО може многу подобро и поефикасно да спроведе финансиска истрага, доколку располага со ресурси и сопствен истражен центар, отколку да ги доверува задачите на финансиската полиција, која заради нивните ограничени капацитети не секогаш е доволно брза и доволно ефикасна во делот на завршување и спроведување на истрагите, изјави Ристоска.

Законодавство во делот на мерките за привремено обезбедување на имот, нагласи таа, е многу конфузно, недоречено и проблематично и изрази надеж дека во најблиска иднина ќе се работи на унапредување.

– За мене како обвинител е навистина поразителен фактот што ние и покрај сите напори што ги вложуваме, не успеваме да дојдеме ниту до пет проценти од имотната корист за која имаме сомненија дека можеби е незаконски стекнат. За поефикасно адресирање на овие прашања е потребен системски пристап и поголема поддршка со ресурси – финансиски, опрема и човечки, изјави Ристоска.

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми рече дека во текот на 2020 година извршени се финансиски истраги за вкупно 46 физички и 26 правни лица, додека во 2019 година направени се над 100 финанаиски истраги за физички и правни лица.

– Од досегашната пракса во делот на финансиските истраги, констатирано е дека идеални услови за зголемување на ефикасноста на истрагите е зголемен пристап до релевантни податоци за правни и физички лица, онлајн пристап до податоци и блиска соработка со сите релеватни институции, формирање истражни тимови и интензивна соработка со јавните обвинителства, изјави Муареми.

Посебниот советник на вицепремиерот за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Миле Трајковски, посочи дека во основата на планот за борба против корупцијата, донесен на почетокот на март годинава, е зајакнат правосуден систем базиран на дигитализацијата, транспарентноста и јакнење на институциите.

– Дигитализацијата ќе го намали човечкиот фактор и ќе обезбеди посигурна комуникација на граѓаните со институциите, ќе се зајакне административното работење и ќе се влијае на намалувањето на корупцијата и криминалот, рече Трајковски.

Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.