Ана Петровска ќе прави терминали за паркинг при влезот во Скопје, а од таму ќе се изнајмуваат велоспеди за да се оди во градот
Во програмата на Ана Петровска, кандидат за градоначалник на независната листа Зелен хуман град, која беше објавен денеска приградските линии од Скопје ќе бидат исфрлени од центарот на градот. И дека на источниот и западниот влез на Скопје ќе има бесплатни паркинзи за оние што доаѓаат во главниот град, а таму ќе можат да изнајмуваат велосипеди.
Во делот од програмата насловен „Со јавен транспорт секаде стигаме навреме пишува: „Приградските линии не смее да се внесуваат во центарот, мора да се интегрираат редовните автобуски линии, постојната железничка инфраструктура, велосипедскиот сообраќај и автомобилскиот сообраќај преку системите Park&Ride. Јавниот градски превоз мора да биде со целосно издвоена траса, да има приоритет на сигнализираните раскрсници и да вклучи возила со високи еколошки стандарди“.
За да се намали густината на сообраќајот и бројот на автомобили што секојдневно влегуваат во Скопје Петровска има ваков план: „Во идниот развој на транспортниот систем на Скопје, на источниот и западниот влез на Скопје да се планираат транспортни терминали со бесплатен паркинг за автомобили, можност за изнајмување на велосипеди, но и низа комплементарни функции (трговија, забава). Терминалите би обезбедиле алтернатива за големиот број возачи кои со автомобили доаѓаат во Скопје од внатрешноста на Македонија“.
Понатаму Ана Петровска ќе се залага минимум 15 проценти од буџетот на Скопје за патна инфраструктура да се користи за пешачки патеки и минимум 15 отсто да се користи за велосипедски патеки. Така било во Ирска. „Бидејќи општинските улици се со помал коловоз и пропорционално поголем дел припаѓа на тротоарите отколку на булеварите, овој процент може и да расте“, пишува во програмата на Ана Петровска.