Ана Петровска го аминувала гасоводот низ парк-шумата Водно во 2011 година?


Фото: Б. Грданоски

Ана Петровска е наведена како прв соработник и „експерт за оцена на влијанието на проектите врз животната средина“ на студијата за гасоводот „Скопје – Гостивар – Кичево“ што поминува низ Водно, а голем број зелени активисти и организации беа против изградбата на гасоводот.

Нарачател на студијата е Министерството за транспорт и врски, кога министер беше Миле Јанакиески, додека изработувач е „Технолаб“ од Скопје. Како потписници се наброени повеќе експерти од полето на заштита на животната средина.

Оваа студија зелените активисти ја прогласија за спорна, зашто не го обработила детално влијанието на трасата низ заштитената Парк-шума Водно.

Голем дел зелени активисти и организации беа против изградбата на гасоводот низ Водно и ја напаѓаа студијата во 2018 со следниве аргументи: „Во студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проектот се наведува дека избраната траса бара минимална експропријација. Најголемиот дел од трасата низ Водно е државно земјиште. Но, минимална експропријација не смее никогаш да биде причина за избор на траса, особено кога тоа значи градење низ заштитено подрачје.“ Тоа стоеше во анализата потпишана од организациите Го Сакам Воднo, О2 Коалиција, Зелено Тафталиџе, Стоп на Загадувањето, ЕкоКарпош 3,2,1, Спас за Водно, Ние сме Карпош 4, Скопје Смог Аларм, Сакаме Аеродром да дише.
Еко-активистите во 2018 бараа нова траса и нова студија:

„За постојнава траса бараме нова ОВЖС, поради пропустите кои ги има за овој дел на заштитеното подрачје Парк-шума Водно, како што впрочем тоа го наведува и Град Скопје“.

Ана Петровска, која е кандидат за градоначалник на Скопје поддржана од Зелен хуман град, позната е во јавноста и како борец за екологија. Беше сметана и за најдобра директорка на Државниот инспекторат за животна средина, од каде беше разрешена во август, годинава, на барање на нејзината партија ДОМ, што наиде на неодоброување во јавноста.

Каков бил нејзиниот придонес во една ваква студија, колкав бил нејзиниот хонорар и зошто ичествувала во изработка на студија, која бројни еко-здруженија ја напаѓаат треба да одговори токму Петровска.

Во однос на гасоводот што поминува низ Водно, има различни ставови. Неговата оправданост никој не ја спори, но некои сметаат дека финансиски е неоправдано да се најде алтернативна рута, а некои пак, сметаат дека еколошки може да се направат неповратни штети. 

Изградбата на гасоводот почна во 2018 година. Неколкупати сопираше поради опструкции од екоактивисти.