Американското оружје наменето за сојузниците во Азија и Европа се пренасочува


Вашингтон – Војната на Америка против Иран доведе до значително намалување на американските залихи на оружје, како резултат на што оружјето наменето за сојузниците во Азија и Европа се пренасочува кон Блискиот Исток, пишува „Њујорк тајмс“.

Брзото намалување на залихите на ракети за воздушна одбрана и друго клучно оружје не само што ја остава американската војска со помалку резерви, туку може да ги охрабри и Русија и Кина доколку размислат за иден конфликт со САД.

За време на војната со Иран, беа потрошени илјадници ракети во вредност од милиони долари, чие производство може да трае со години. Одбраната од иранските ракетни напади дополнително ги исцрпи американските залихи на пресретнувачки ракети, што предизвика загриженост кај администрацијата на Доналд Трамп и доведе до доцнење во испораките до европските и азиските сојузници.

Американскиот Пентагон премести бродови, авиони и единици за воздушна одбрана од Европа и Азија кон Блискиот Исток за војната. Според американските претставници, ова доведе до значително намалување на американската огнева моќ во тие региони.

Том Карако, советник во Центарот за стратешки и меѓународни студии, оцени дека исцрпувањето на залихите претставува „генерациско уништување на конвенционалните средства за одвраќање“. Според него, последиците би можеле да влијаат на одлуките на Москва и Пекинг со години.

Пред почетокот на војната, генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот штаб на вооружените сили, го предупреди Трамп за ризиците од понатамошно намалување на веќе исцрпените залихи. Трамп сепак одлучи да ја продолжи војната, верувајќи дека таа ќе заврши брзо.

Според податоците цитирани од „Њујорк тајмс“, САД потрошиле повеќе од 1.500 пресретнувачки ракети „Патриот“ за време на војната. Залихите на САД сега брои помалку од 1.700 вакви ракети, а може да потрае повеќе од две години за да се надополнат.

Најнепосредното влијание на недостигот се чувствува во Украина. Претседателот Володимир Зеленски рече дека бројот на ракети за воздушна одбрана што западните сојузници ги испорачуваат на Украина оваа година е три пати помал отколку во 2025 година.

Во среда, Украина не успеа да пресретне ниту една од 28-те ракети испукани од Русија, при што загинаа најмалку 17 лица. Зеленски рече дека повеќе пресретнувачи можеле да ги спасат животите на оние што загинале.

САД, исто така, во голема мера ги исцрпија своите залихи од некои видови ракети со долг дострел, вклучувајќи ги ATACMS и PRSM, додека околу половина од нивните ракети „Томахавк“ се потрошени.

Американските сили во Азија се особено тешко погодени. Индо-пацифичката команда беше главен извор на муниција за војната во Иран, а голем број ракети „Томахавк“ и друго оружје со долг дострел беа префрлени од залихи наменети за потенцијален конфликт со Кина.

Стотици напредни пресретнувачки ракети се преместени од Јужна Кореја и други делови од Азија на Блискиот Исток. Во исто време, ударна група на носачи на авиони и некои од најнапредните американски уништувачи се повлечени од регионот.

Во Европа, американските сојузници веќе размислуваат за зголемување на купувањата на оружје од други земји поради долгите рокови на испорака на американските производители.

Русија и Кина внимателно ги следат американските залихи и проценуваат колку време ќе биде потребно за да се надополнат. Според некои аналитичари, колку подолго трае војната со Иран, толку поголеми се последиците за американските воени капацитети, а со тоа и просторот за дејствување за Москва и Пекинг.

„Колку подолго трае оваа војна и колку подолго продолжуваме да разменуваме оган со Иран, проблемот со муниција за Соединетите Американски Држави станува полош, а прозорецот на ранливост станува поголем и повидлив“, рече воениот аналитичар Тод Харисон.