Демократите на Бајден го плашат народот и дома и во Македонија, вели Трајко Славески

Според Славески, Џемс О'Брајан ги охрабрувал во Македонија избирачите да биле застрашувани со реторика од Студената војна


 

Без оглед на јавните внимателни и навидум мирни изјави дека ги „слушнале пораките на Џемс О’Брајан“ во ракодството на ВМРО-ДПМНЕ очигледно се вгнездил одреден немир по изјавите на американскиот дипломат кои како да се од дремтот на Ричард Холбрук – директни и без ракавици.

Па тоа го поттикна високиот вмровски раководител, Трајко Славески, јавно на мрежата Икс да ја омаловажува администрацијата на американската Демократска партија (во некаков стил на Милорад Додик), да тврди дека таа ги заплашува Американците и да го очекува враќањето  во Белата куќа на Доналд Трамп.

Според објавата на Славески (тој е член на Извршниот комитет на партијата и претседател на Советот на Скопје) „во крвта на американските демократи е да се закануваат и да го плашат електоратот, и дома и во странство, за време на предизборниот период“.

Па ја глорифицира победата на Трамп на примарните избори во Њу Хемпшир:

„Синоќа, откако поранешниот претседател Трамп решително го победи својот последен преостанат ривал за номинацијата на Републиканската партија во Њу Хемпшир, претседателот Бајден, откако заклучи дека ‘сега е јасно дека Доналд Трамп ќе биде републикански кандидат’, предупреди дека ‘влогот не може да биде поголем’, велејќи дека американската ‘демократија’, ‘личните слободи’ и американската економија „сите се во прашање’“.

Па се префрла во Македонија:

„На домашен (македонски) фронт, неговиот пратеник, помошникот секретар Џим О’Брајан, со неговите изјави, се надевам ненамерно, ги охрабри високите претставници на владејачките партии, СДСМ и ДУИ (Артан Груби, Бојан Маричиќ, Димитар Ковачевски), да сеат раздор и да го плашат електоратот пред претстојните претседателски и општи избори оваа пролет, со гадна реторика од Студената војна.

Овие гестови не ѝ служат на демократијата и може да го трујат политичкиот и социјалниот амбиент кај нас“, вели Славески.

И завршува со порака до американската амбасада:

„Ве молам запрете ја оваа грда пропаганда пред да биде предоцна!“

Што може да значи тоа „предоцна“ Славески не наведува.