Американската морнарица ќе донира еден милион долари за противпожарна станица во Битола


Битола

 

Командата за инженерски и инфраструктурни системи на Морнарицата на САД донира еден милион американски долари за да се доигради противпожарната станица во Битола која веќе ја гради Општина Битола.

Градежните работи за новата противпожарна зграда во Битола почнаа лани во април, на локација во поранешната касарна во Битола. Oбјeктот е на површина 1.600 м² и е комплетно нова градба. Објектот се очекува да ги исполнува современите стандарди за противпожарна станица, ќе има приземје, кат, гаража и простор за седум противпожарни возила и ќе овозможи соодветни услови за вработените во територијалната противпожарна единица, која го покрива регионот на општините Битола, Новаци и Могила.

„Благодарение на донацијата во износ од 1,093,017 долари обезбедена преку Инженериската команда на морнаричките сили на САД (NAVFAC), Битола ќе добие нова, современа противпожарна станица. Ова е проект од огромно значење за безбедноста на нашите граѓани и подобрување на условите за работа на нашите пожарникари“, најави градоначалникот на Битола,Тони Коњановски.

Првата фаза е реализирана со средства од буџетот на Општина Битола во вредност од 52,8 милиони денари. Со грантот на Министерството за одбрана на САД, опфатен е делот на архитектурата, со кој објектот ќе биде целосно адаптиран и енергетски ефикасен со намена за својата дејност.

Општината подолго време беше во преговори со Министерство за надворешни работи, Министерство за одбрана на САД, кои го разгледаа проектот и покажаа желба да помогнат во дооформувањето на објектот, во делот на опремувањето.

Новиот противпожарен дом за жителите од пелагонските општини е капитална инвестиција ветена од трите последни локални власти. Во Битола се наоѓа најстарата противпожарна единица во Македонија и една од најстарите на целиот Балкан, формирана уште во далечната 1836 година со повелба на Румелискиот валија.

Пожарникарите од противпожарната бригада во Битола  често се жалеа на условите за работа дека треба да се спремни за акција и да ги имаат основните услови за функционирање, а во старата зграда на Булеварот „1 Мај“, се под основните услови за работа, а амбиентот оставен од турско.

Во Битолската пожарна има 14 возила, дел стари од седумдесетите и осумдесетите години, односно само четири се нови. Пожарникарите од ППЕ во Битола се околу 40 на број. (А.Б.)