Американската амбасада во Тирана со директен апел до Баша и Круемади пред вечерашниот протест


Пред вечерашниот протест на обединетата албанска опозиција, Американската амбасада во Тирана ги повика лидерите на Демократската партија (ПД) и на Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), Љуљзим Баша и Моника Куремади, да ги осудат насилните акти на нивните поддржувачи на саботниот протест и да соработуваат во секоја истрага за да ги идентификуваат сторителите на овие насилства.

Во порака на нејзината Фејсбук страница објавена доцна попладнево, Амбасадата како никогаш до сега им се обраќа директно со нивните имиња на лидерите на опозицијата и повикува на мирни протести.

Амбасадата, при тоа, го осудува насилството на протестите на 11 мај.

Во апелот се наведува дека мирните протести се од суштинско значење за здрава демократија и правото на граѓаните да се собираат и да протестираат против нивната Влада и оти силата и насилството немаат место во демократскиот процес.

– Го осудуваме насилството присутно за време на протестите на 11 мај во Тирана. Насилството доведе до повредени и материјална штета, вклучувајќи и штета врз домот на амбасадорот на ОБСЕ. Овие насилни акти беа нелегитимни и недемократски. Ги повикуваме лидерите на опозицијата, особено претседателот на Демократската партија, Љуљзим Баша, и претседателката на Социјалистичкото движење за интеграција, Моника Круемади, јавно да ги осудат насилните акти на нивните поддржувачи, да соработуваат во истрагата која има за цел да го идентификува секое лице кое се однесувало насилно и изведување пред лицето на правдата и да се обезбеди сите идни јавни протести да бидат мирни, стои во апелот на Амбасадата.
Во објавата се наведува и дека органите за спроведување на законот имаат одговорност да дејствуваат со воздржаност, вклучувајќи ги и случаите на провокација.

– Насилните протести се на штетата на напорите на Албанија за демократски реформи и на перспективите на земјата да направи напредок на патот кон Европската унија. САД ги охрабруваат сите страни да се повлечат од судири и да се вклучат во конструктивен дијалог, кој има за цел да стави крај на политичкиот ќорсокак, се наведува во апелот на Американската амбасада пред вечерашниот протест на албанската обединета опозиција.

Претходно, со апел за воздржаност од насилни акти се огласија и амбасадите на Велика Британија и на Италија во Албанија.