Амбасадата на САД дала техничка поддршка за пресретнување на камионот со марихуана
Американската амбасада во Скопје потврди дека работела заедно со Министерството за внатрешни работи (МВР) и дала техничка поддршка за вчерашната акција во која полицијата пресретна камион со марихуана во вредност од 800.000 евра, што транзитирал низ Македонија. Во полициската акција е уапсен е командирот на полициската станица Прилеп Кире Спиркоски.
„Во овој случај, како и во случајот со пасошите, работевме заедно со МВР и дадовме техничка поддршка“, велат од Американската амбасада во Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК.Министерот за внатрeшни работи Оливер Спасовски вчера кажа дека МВР акцијата ја спроведува со помош на Американската агенција за борба против дрога (ДЕА).
Американска помош МВР имало и во акцијата во која на 6 април беа уапсени деветмина полициски службеници, вработени во пасошкото одделение на МВР, кои продавале патни исправи со туѓ идентитет исклучиво на странски државјани и на криминалци барани со меѓународна потерница. Групата изработила 215 македонски пасоши со туѓ идентитет, а од нив, 214 биле за странски државјани, а само еден за наш.Министерот Спасовски тогаш кажа дека заедно со Интерпол и Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при амбасадата на САД од 2019 ја спроведувале истрагата за откривање на мрежата вработени во МВР која издавала македонски пасоши на познати криминалци.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак денес тврдеа со прашалници дека комбето во кое е фатена дрогата со марихуана е во сопственост на фирма на Заеви.
– Висок функционер од МВР близок до СДСМ вмешан во целиот процес, возачот на Трајче Заев, кој е прв братучед на Зоран Заев вмешан во целиот процес, а за пратката неофицијално се говори дека е од Медикал 420, фирмата за одгледување канабис, каде исто така неофицијално фалат над 200 кг,но тоа подоцна ќе го покаже истрагата. И клучната работа иста таква фирма во Бугарија поседуваат Трајче Заев и Бобан Заев кои се први братучеди на Зоран Заев, така што белото комбе во кое е запленета дрогата не може да биде случајност, изјавија од опозицијата.