Алтхамер и Жмијевски две недели ќе создаваат уметнички дела во МСУ
Веќе четврти ден европскиот уметнички тандем Артур Жмијевски и Павел Алтхамер создаваат нови дела во просторот на Музејот на современата уметност – Скопје насловена како „Отворено студио“. Куратор на проектот е Владимир Јанчевски.
музејот во периодот меѓу 14 и 17 часот ќе имаат ретка можност да посведочат на нивниот процес на работа.
Минатата година Жмијевски за првпат имаше голема самостојна изложба во МСУ – Скопје. Ова претставување следуваше по неговото учество во рамки на меѓународната групна изложба „Сè што ни е заедничко“ во 2019 година во музејот. Уште еден ексклузивитет е што ова ќе биде првото претставување на Павел Алтхамер во Скопје.
Артур Жмијевски (1966) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава, автор со богата уметничка кариера, кој е фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео. Во своите дела тој го разоткрива светот на „другите“, кои често минуваат незабележани. Тој го снима нивното секојдневие, покажувајќи како физичките и психичките ограничувања ги осудуваат овие луѓе да бидат маргинализирани во општеството. Преку експерименти со учество на избрани групи, тој се обидува да разбере тешки искуства и табу теми. Има изложувано на некои од најважните уметнички манифестации, како што се Венециското биенале и Документа во Касел, а бил и куратор на Берлинското Биенале во 2012 година. Неговите дела се вклучени во колекциите на некои од најреномираните уметнички институции во светот, како на пример Музејот на модерна уметност во Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, потоа Новата Пинакотека во Минхен…
Павел Алтхамер (1967) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава. Работи во различни медиуми како скулптура, перформанс, инсталација, видео. Создава скулпторски автопортрети, се појавува во перформанси и видео, настојувајќи да ја доживее материјалноста на телото и да ги дефинира сопствените ментални граници. Преку акции во кои вклучува цели заедници, тој сака да создава општествени заедници, соочувајќи се со луѓето преку уметноста. Тој го доведува во прашање значењето на монументалните споменици според обемот на неговите дела и случајноста на неговите материјали. Неговите дела повикуваат и на социјалната скулптура на Бојс и на наследството на „Отворената форма на Оскар Хансен. Тој може да се опише и како уметник со афинитет за „релациска естетика“. Учествувал на најзначајните светски изложби, меѓу кои Документа 10 (1997), на Биеналето во Венеција (2003, 2013), Берлинското Биенале (2012), Skulptur Projekte Münster (2017). Добитник е и на бројни награди, како што е биеналната Награда за современа уметност во Европа „Винсент ван Гог“ во 2004 година.