Алтернатива пробува да се „врати во игра“ со предлог за заедница на албански општини

Освен Изет Меџити од „огнените“ на ДУИ никој друг не го прифати предлогот на Алтернатива


Фото: Б. Грданоски

 

Некои во Македонија почнаа да гледаат на можноста за смирување на тензиите меѓу Србија и Косово ако утре во Брисел Александар Вучиќ и Албин Курти го прифатат европскиот план, како можност да отворат нова безбедносна криза во регионот. Алтернатива, чии министри беа разрешени пред неколку дена, веднаш излезе со предлог во Македонија да била формирана заедница на албански општини.

„Западните сојузници бараат на Косово да се формира заедница на српски општини, па излегува дека таа заедница е во духот на западните вредности. Многу добро. Да направиме и ние во Северна Македонија една таква заедница во тој западен дух. Еве една кауза врз која може да се соединиме сите албански партии, дури и Алтернатива, која нема своја општина”, изјави генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими.

Речиси инстантно тоа го прифати водачот на „огнената група“ во ДУИ, Изет Меџити, кој е и потпретседател на партијата. „Ако можат Србите да добијат заедница со 4 проценти застапеност во Косово, зошто не би можеле Албанците во Македонија со застапеност од 30 проценти“, рече Меџити.

„Огнените“ и Алтернатива од неодамна имаат заеднички јазик на разбирање по меѓусебните средби. Но нема разбирање кај другите структури на ДУИ. Координаторот на пратеничката група, Арбер Адеми, тој предлог го оквалификува како „антиамерикански“, што треба да биде клучна оценка дека нешто не е во согласност со албанските интереси.

„Патетично, антиамериканско и антиевропско и оди на штета на конечното решение на косовското прашање. Неуспешен обид за опстанок на политичката сцена по доживеаното фијаско и целосно погрешно и деструктивнa определба“, напиша Адеми.

Алијансата за Албанците, новиот партнер во Владата, го оцени ваквиот предлог како несериозен, велејќи дека Албанците во Македонија не живеат во енклави.

„Ваквиот предлог го сметаме за несериозен со тенденција Албанците да се стават во однос на дневната политика. Албанците живеат во територијален континуитет, а не во енклави, во општини каде Албанците се апсолутно мнозинство, во општини со релативно мнозинство и во општини со помал процент. Политичките и територијалните организации кои не им служат нив не се вредни за дискусија. Србите во Косово, како и Албанците во Србија, се малцинство и овие стандарди мора да имаат реципроцитет и ние апсолутно го поддржуваме тоа. Решенијата за заштита на малцинствата кои се размислуваат за други реалности не можат да се применат во контекст на нашето мултиетничко општество и консоцијативна демократија“, се вели во соопштението на АА. 

Партијата која до минатата до неодамна беше во владината коалиција, па излезе од неа, Демократски сојуз, остро ги отфрли таквите предлози.

„Оваа националистичка реторика претставува сериозна закана за меѓуетничките односи, прикривање на криминалот и директно ги загрозува евроинтеграциските перспективи на Македонија. Дестабилизацијата на Македонија ќе значи и дестабилизација на Балканот, што е главна стратегија и цел на Русија, како и на националистите во Бугарија. Компарацијата со Косово е апсолутно неточна и нема никакви сличности. Македонија е унитарна држава во која сите етнички заедници ги уживаат сите права и слободи и така ќе остане“, соопшти партијата на Павле Трајанов.

Од СДСМ велат дека ова барање е несериозно.

„Состојбата во Косово на никој начин не може да се преслика и во нашата држава. Согласно Законот за локалната самоуправа и согласно Законот за меѓуопштинска соработка, соработката помеѓу општините во нашата држава е апсолутно овозможена. Секоја општина може да соработува во која било форма, кога ќе си го најде интересот за одредена тема“, велат од СДСМ.

За претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, доволен е Охридскиот договор и додава дека ваквите идеи можат да ги влошат меѓуетничките односи. (Н.В.)