Алкараз го победи Синер во маратонски меч и го освои трофејот во Пекинг
Јанис Синер и Карлос Алкараз уште еднаш покажаа дека се најсветлата тениска иднина, откако одиграа феноменално финале на турнирот во Пекинг. Речиси три и пол часа траеше финалето, а на крајот по огромна борба, на трофејот се радуваше Алкараз.
Во првиот сет Алкараз водеше со 5:3, сервираше за да го добие сетот, но Синер направи брејк и потоа се избори за 6:6, а во тајбрејкот, Италијанецот беше подобар со 8:6 и поведе со 1:0 во сетови.
Алкараз не се разочара по загубениот сет, па во вториот одигра одлично на свој сервис без грешка, а успеа да направи еден брејк па го доби сетот со 6:4, изборувајќи се за решавачки трет сет.
Третиот сет беше речиси копија на првиот. Алкараз водеше со 3:1, Синер израмни на 4:4, па потоа стигнаа до 6:6 и мораше да се игра тајбрејк. Е тука, за разлика од првиот сет кој го доби Синер, овојпат Алкараз беше подобар со 7:3 и на тој начин младиот Шпанец стигна до трофејот.
За Алкараз ова беше четврти трофеј сезонава, а вкупно 16-ти во кариерата. За Синер ова беше петти пораз во финале, па интересно е дека сега и двајцата тенисери имаат биланс од 16 победи и пет порази во финалните дуели.
По ова финале во Пекинг, Синер ќе остане лидер на АТП листата, додека Алкараз ќе го прескокне Зверев и сега Шпанецот ќе биде на второто место.