Алиу: За злоупотребите на балансерот нема решение


Откако некои Македонци, почнаа да се пишуваат Албанци, Роми, Срби и друго, со цел да се вработат на некоја позиција во јавниот, државен апарат, повеќе релевантни институции, граѓански здруженија укажаа на потребата од негово менување, но според министерот за иинформатичко општество и јавна администрација, засега немаат решение.

Тој денеска ја претстави новата Стратегија за  за реформа на јавната администрација (2023 – 2030), а прашан што со балансерот одговори:

– Балансерот во моментов се анализира од технички аспект. Исто така, правиме анализа колку балансерот бил злоупотребен од институциите, поточно од граѓаните коишто аплицираат во тие институции. Знаете, законско право немаме ни ние како институција, ни во институциите во кои тие се вработуваат да се мешаме кој како се чувствува. Таа злоупотреба се прави заради, тој пристап наш како граѓани за жал, и во моментот немаме решение, немаме решение за промена на балансерот со некој друг елемент, методологија или софтвер. Но, во иднина ќе мора да размислуваме во таа насока – рече Алиу.

Последниот пример беше со вработување во Агенцијата за цивилно воздухопловство, каде Македонец се пишал Албанец, за повисока плата, затоа што условот за тоа работно место бил вработениот да биде Албанец. Комисијата за избор изготвила список, а директорот на Агенцијата го потпишал.

Мерките за обезбедување соодветна и правична застапеност во јавниот сектор веќе се контрапродуктивни, така што дејствуваат спротивно на принципот на заслуги – се вели во четвртиот детален извештај од следењето на соодветната и правична застапеност во институциите од јавниот сектор, спроведен од Центарот за управување со промени (ЦУП), објавен кон крајот на август, годинава.

Најголемите забелешки од сите страни доаѓаат на сметка на националната припадност како критериум, место на компетентност, заслуга, соодветно образование и тн.