Алијансата за Албанците ќе го спори „Безбеден град“ на Уставен суд


Крилото на Алијансата за Албанците предводено од Арбен Таравари остро реагира на начинот на кој владејачката коалиција ВМРО-ВЛЕН-ЛЕВИЦА го спроведува проектот „Безбеден град“, оценувајќи дека станува збор за селективна примена што го крши Законот за јазиците и создава сериозен економски товар за граѓаните преку, како што велат, непропорционални казни.

Од ова политичко крило посочуваат дека примената на проектот отвора низа правни, социјални и уставни прашања, кои директно се одразуваат врз секојдневниот живот и благосостојбата на граѓаните. Според нив, проблематично е и тоа што официјалната комуникација со јавноста, вклучително и известувањата и санкциите што произлегуваат од системот „Безбеден град“, не се спроведува со почитување на јазичните права на граѓаните Албанци.

„Ова претставува директно кршење на Законот за јазиците и на уставните принципи врз кои се темели мултиетничката и демократска држава“, реагираат од таборот на Арбен Таравари, нагласувајќи дека институциите имаат обврска да обезбедат еднаков и недискриминаторски пристап кон сите граѓани.

Крилото на Алијансата за Албанците дополнително бара итно преиспитување на висината на казните и на прагот на толеранција, со цел мерките за сообраќајна безбедност да не се претворат во тежок финансиски притисок за семејствата. Тие сметаат дека селективната примена на проектот само во одредени градови е неправедна и дискриминаторска, поради што најавуваат дека ќе го оспорат Законот за прекршоци пред Уставниот суд, со цел заштита на правата на граѓаните и обезбедување еднаквост пред законот.