Алијансата за Албанците го изгуби наративот во драмата

Партијата која имаше голем потенцијал го загуби наративот. Таа сега не знае по кој пат би тргнала, а тоа е најлошо за една партија. Една од клучните работи е дали да биде дел од проектот на Албин Курти да стане регионал лидер на Албанците


Како да се решава судбината на државава – така некако драмата во Алијансата за Албанците добива корени во јавноста овие денови, која ќе чека до сабота да види каков би можел да биде расплетот во партијата водена од две глави. А во самата партија како да отпочна последната фаза од „политичката битка на живот или смрт“ меѓу Арбен Таравари и Зијадин Села (сегашниот и претходниот претседател на АА). Освен наводниот физички напад врз Дритон Небиу, директорот на Агенцијата за управување со одземен имот по неговата поддршка за Села, оваа војна се води преку социјалните мрежи, објавувањето фотографии кој колку поддржувачи има, жешките средби во партиските ограноци… Наивно е да се мисли дека другите две структури поврзани со оваа драма (ДУИ и тројната опозициска коалиција) стојат мирно настрана и го чекаат победникот. Нивното учество во партиската пресметка е големо онолку колку што е голем влогот.

А влогот е навистина голем – и во албанскиот политички блок, и во вкупната македонска политика, а во значајна мерка и регионално.

Односите меѓу Села и Таравари никогаш не биле особено мазни. Зијадин Села беше тој што повеќе години ја водеше напорната битка во ДПА, прво за промени во партијата, а потоа за етаблирање на новиот политички субјект. Во таа битка успеа да стане градоначалник на Струга, што изгледаше како невозможна мисија. На 27 април 2017 ја поднесе најголемата жртва за време на ужасниот упад во македонското Собрание – за малку ќе го загубеше животот. Знаеше да го вознемирува македонскиот дел од јавноста со навидум националистички изјави, од кои речиси ништо не се остваруваше, освен привремена врева.

За тоа време Арбен Таравари работеше на партиската и личната политичка агенда што би се рекло, „мекамски“ – со привидно елегантна реторика, со исфрлање на она што што би можело да прозвучи националистички, со триумфот од двете победи над ДУИ на локалните избори за градоначалник во Гостивар, со суперкраткиот мандат како министер за здравство во првата влада на Зоран Заев (по што остана во паметење пропагандниот слоган „Ало Таравари!“). По ужасниот резултат на Алијансата за Албанците на вонредните избори за Советот на Тетово во 2022 (само 777 гласа) Таравари го замени посрамениот Села.

После овој сегашен раскол во АА работите во албанскиот блок одат на непозната територија, во која една работа изгледа како најверојатна – дека ДУИ ќе извлече најголема корист. Без оглед на значајната пропагандна и медиумска активност, поддршката на коалицијата „Европски сојуз за промени“ во анкетите не е правопропорционална со бројот на нивните јавни настапи. Дури и под очекувањата. Приклучувањето на Алијансата на тројниот блок треба да донесе додадена вредност, можеби двојна. Ама ако Алијансата се подели прашање е колку од нејзините гласачи ќе бидат наклонети кон четиричлената група, колку ќе останат дома или ќе гласаат за некого друго. Ризикот може да изгледа многу поголем од добивката. Но дали нешто во политиката може да се добие без ризик.

Другите играчи во македонската политика ја чекаат разврската во Алијансата. Без сомнение, ДУИ би биле тие што би имале најголема корист доколку дојде до поделба во АА, не затоа што важен дел од нејзините придржувачи изборно би се интегрирале со интегративците, туку поради тоа што при распределување на количниците би можеле да добијат повеќе пратеници отколку што тие би биле реален одраз на бројот на гласовите.

ВМРО-ДПМНЕ покажува нестрпливост и почна поинтензивно да зборува дека нивен претпочитан партнер е албанската опозиција. Со оглед на сликата што е изградена меѓу албанските гласачи за ВМРО-ДПМНЕ поради можноста да запрат европските процеси на Македонија, ваквото вмровско инсистирање може да им нанесе штета на албанските опозиционери уште пред да почне кампањата. И штетата да добие додадена вредност со приклучувањето на Алијансата за Албанците. ДУИ тогаш ќе може многу помирно и порастоварено да излезе на изборите, победата би требало да биде речиси загарантирана.

Од другата страна, приклучувањето на Алијансата кон опозицискиот албански фронт ќе ја доведе во прашање синтагмата за европски фронт кој најмногу го заговара СДСМ. Ако Алијансата отиде со албанските опозиционери (или пак се подели) тогаш таканаречениот европски фронт ќе ја загуби привлечноста, затоа што би можело да се случи во него да бидат само СДСМ и ДУИ. Досега многу од коруптивните и други зделки и инциденти што ги правеше ДУИ се префрлаа на контото на СДСМ, и кога за тоа немаше никаква основа, па ќе биде политички многу покомплицирано во овој европски фронт да останат само два субјекти. По драмата во АА изгледа дека прашањето за заеднички изборни листи отпаѓа, доколку не се случи некаков нов пресврт.

Случувањата во Алијансата за Албанците се и дел од пошироките промени што се случуваат на регионалната албанска сцена. Премиерот Албин Курти настојува да се прикаже како регионален лидер, кој прво ги победи „хероите“ од УЧК во Косово, а сега негова цел се „хероите“ на ОНА во Македонија. Пред сѐ, Али Ахмети. Сликата на средбата на Курти со политичките лидери на македонските Албанци во Приштина сама по себе зборуваше многу. Неговиот поход е потхрануван со приказните дека тој е некорумпиран (или, пак, досега ништо не е најдено за него). Откако ќе заврши со Косово и Македонија, на ред треба да дојде албанскиот премиер Еди Рама, кој толку често пријателски се среќава со Александар Вучиќ. Ова изгледа како голем проект. Албанскиот пиемонт треба да биде Приштина, а не Тирана.

Алијансата за Албанците веќе еднаш имаше „братско“ искуство со Курти и Самоопределување, кога тој даде и логистичка и идеолошка поткрепа за Блерим Река на претседателските избори во 2019. Ова сега би требало да биде вториот и уште поважен чекор.

Но тоа ги става во незгодна ситуација овдешните негови пријатели. Курти не ги слуша советите на Американците, на Германците, на ЕУ, на Французите, околу заедницата на српските општини на северот на Косово, не ги слуша забелешките за исфрлањето на српскиот динар од платниот промет. Му овозможи на Вучиќ да биде претставен во европската јавност како човек со кој може да се разговара за нормализирањето на односите меѓу Белград и Приштина, додека Курти е тврд и тврдоглав.

Македонските Албанци имаат речиси папочна врска со Америка. Ако ја прифатат реториката и агендата на Курти албанските опозиционери може да се оддалечат од стратешките пријатели, кои ќе почнат сѐ помалку да им веруваат, а притисокот да биде сѐ поголем. Тогаш тие може неволно да ја прифатат подадената рака на ВМРО-ДПМНЕ заради некаква државна заштита. И да го загубат наративот, а после изборите да се најдат зачудени кога ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ би се обиделе заеднички да формираат влада.

На чудата во политиката никогаш им нема крај. Желбата за подобар резултат на изборите може да биде лоша карма за Алијансата за Албанците. За да се победи ДУИ, партијата што создаде огромна пајакова клиентелистичка мрежа, изгледа дека е потребно нешто повеќе, а не само обично здружување на политичките ривали. Во моментов прашањето за единството на Алијансата за Албанците изгледа како жежок партиски проблем, но после еден месец тоа може да ги редифинира процесите што изгледаа дека се веќе поставени на маса пред стотина дена.