Алијансата не сака да биде „резервна гума“ на ДУИ, ќе ги поддржи уставните промени и да не влезе во Владата


В.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, откако денеска ја поднесе кандидатурата за лидерската позиција во партијата, рече дека засега не се преговара за влез во Владата. Без разлика дали партијата ќе биде во власт или опозиција, како што рече, ќе ги поддржи уставните измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата од Уставот.

„Нема преговори, ако има ќе излеземе пред вас и ќе кажеме сè што има. Ние ќе ги поддржиме уставните промени за вметнување на Бугарите во Преамбулата на Уставот без разлика дали ќе бидеме дел од Владата или ќе бидеме опозиција. Тоа сме го кажале од првиот ден, продолжуваме да го кажуваме истото. Кога ќе има преговори ќе ве известиме“,рече Таравари.

Оној што треба да нè повика, вели тој, е премиерот Димитар Ковачевски, а тврди и дека при евентуално влегување во Владата нема да бидат резервна гума на ДУИ.

„Ако нè повика некој во влада треба да биде премиерот. Меѓутоа, најодговорно тврдам дека засега немаме преговори. Ако имаме ќе бидеме максимално транспарентни“,вели Таравари.

За барањето на неговата партија и останатите опозициски од албанскиот блок, со уставните измени наместо јазикот што го говори 20 отсто од населението во Уставот да пишува „албански јазик“, Таравари уште еднаш повтори дека очекува поддршка и почит од македонските партии.

„Албанскиот јазик е официјален јазик во Македонија. Меѓутоа засега стои во Уставот дека тоа е јазик што го говорат 20 отсто од населението. Нашата идеја било и продолжува да биде дека треба да се тргне тоа ’проценти‘ и да стои албански јазик. Јас мислам дека има разбирање од повеќето политички фактори во Македонија, зборувам за поголеми македонски партии, тоа го имаат кажано и јавно дека не им пречи процентот да се смени со албански јазик. Ние очекуваме да покажат почит кон нас и тоа да го спроведеме, да биде дел од Уставот“,рече Таравари.
Тој не одговори конкретно на прашање дали тоа ќе биде услов за да го поддржат вметнувањето на Бугарите, и одговори само дека се надева оти тоа ќе помине.

„Јас мислам дека 20 отсто ќе помине и очекувам почит од македонските партии официјалниот јазик да не се нарекува јазик 20 отсто туку албански јазик“,рече Таравари.

Тој засега е единствениот кандидат за претседател откако од лидерската позиција оставка поднесе Зијадин Села по лошите изборни резултати на вонредните избори за Советот во Општина Тетово во септември годинава. Рокот за пријавување други кандидати истекува вечерва, а изборот на нов лидер треба да се одржи на вонреден конгрес на 17 декември во Тетово.