Александар Даштевски, Наташа Габер и Тони Менкиноски меѓу кандидатите за судија во Стразбур

Судии, обвинители, адвокати, но и деканот на Правниот факултет, Сашо Георгиевски се пријавија на повторениот оглас за избор на кандидати за судија на Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Вкупно биле пријавени 20 кандидати, а 11 од нив го поминаа првиот филтер на Комисијата.
На интервју на 20 октомври треба да одат деканот Георгиевски, судијката Оља Ристова од Апелацискиот суд, уставната судијка Наташа Габер Дамјановска, судијата од граѓанскиот суд Али Алиу, членот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, адвокатите Тони Менкиноски, Јордан Апостолски, Наташа Бошкова, Јелена Ристиќ и Ана Дангова.
– Комисијата за избор на кандидат на Република Северна Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права, денеска, во полн состав во Уставниот суд одржа седница. Комисијата со која претседава претседателот на Уставниот суд, изврши административна проверка на апликациите во однос на критериумите за пријавување и по проверката, врз основа на фактичката состојба ја утврди листата на апликанти кои ќе бидат поканети на интервју – соопшти Комисијата.
Дел од пријавените на претходниот оглас кој го поништи Владата (откако беа избрани финалните тројца кандидати, обвинителката Ленче Ристоска, судијката Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски) не ги исполниле критериумите. Од нив тројцата само Апостолски се пријави на новиот оглас. Иако се пријавиле на овој оглас не одат понатаму Велимир Деловски, Соња Петрушева, Александар Гоџо, Валентин Пепељуговски, Ѓоко Живкоски, судијата Андреј Димовски, судијката Лидија Неделкова, заменик дирeкторот на Aкадемијата за судии и јавни обвинители Илир Исени, судијката Едита Наскова и Александар Лазов.а.
Предлог-листата што ја скрои претходната комисија, не беше по мерка на Владата, па формираше нова комисија со нови членови. Новата комисија очекува да ги испочитува роковите и да избере кандидат, но мислење треба да даде експертскиот панел на Советот на Европа.
Откако претходниот состав на Комисијата намерно или ненамерно ја прекрши процедурата и предлог листата наместо до Советот на Европа ја испрати прво до Владата, каде што заглави и беше отфрлена, сега новата Комисија предлозите ќе ги прати прво до Советот пред да бидат доставени до Владата.