Албанија лани со рекорден дефицит од 889 милиони евра и јавен долг 80 отсто од БДП
Намалувањето на приходите и зголемувањето на трошоците за справување со пандемската криза ги намалија приходите во албанскиот државен буџет за 34,7 милијарди леки, односно повеќе од 282 милиони евра (едно евро= 123 леки).
Податоците објавени од Министерството за финансии покажуваат дека вкупните приходи изнесуваат 425,6 милијарди леки наспроти 446,5 колку што било планирано.
Најголемо намалување е забележано кај царинските и даночните приходи, со пад од 27 милијарди леки во споредба со 2019 година. За периодот јануари-декември, овие две институции собрале 372 милијарди леки или 10,8 милијарди помалку од годишниот план, наведува министерството.
Од друга страна, трошоците изнесуваат 536,6 милијарди леки со раст од 9 отсто или околу 44,4 милијарди леки повеќе отколку во 2019 година.
Паралелно со ова, се забележува зголемена буџетскиот дефицит, кој достигна историско ниво.
Според статистичките податоци, минатата година дефицитот достигнал 110,6 милијарди леки (над 889 милиони евра), што е зголемување за 79 милијарди леки (642,2 милиони евра), во споредба со претходната година.
Фактори кои влијаеле за таквото зголемување се и владините пакети кои беа одобрени по појавата на пандемијата со Ковид-19.Зголемените трошоци во време кога приходите се намалуваат, исто така, автоматски го зголемиле јавниот долг, кој на крајот на минатата година достигнал 80 отсто од БДП.