Албанија и Црна Гора ќе се приклучат на ЕУ пред другите, вели Кошта

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, пред посетата на регионот нагласува дека „Албанија и Црна Гора се очигледно понапред од другите земји“


Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта

 

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, се обиде да ги увери земјите-кандидати за ЕУ ​​во Западен Балкан, велејќи дека идната стабилност и просперитет на континентот зависат од проширувањето на блокот.

Зборувајќи пред турнејата низ регионот, Кошта им вети дека ЕУ е посветена на повторно започнување на процесот на пристапување, кој во последно време е забавен, делумно поради двоумењето на земјите-членки.

Во интервју за Еуроњуз, Кошта, исто така, ги повика земјите-кандидати да се посветат на реформи.

Во срцето на неговата мисија во Западен Балкан е потребата Брисел да не ја изгуби стратешката контрола врз клучен регион.

„Руската инвазија на Украина го забрза процесот на пристапување за Украина и Молдавија, па затоа не е фер кон земјите од Западен Балкан да бидат претекнати од Украина и Молдавија, а тоа ќе ги поттикне да се движат побрзо со реформите“, изјави тој за Еуроњуз во пресрет на неговата дипломатска турнеја низ шесте земји од Западен Балкан.

Првата станица на претседателот на Европскиот совет ќе биде Србија, земја која е заглавена во политичка криза. Во Белград Кошта ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот Ѓуро Мацут и членови на парламентот. Подоцна истиот ден, тој ќе пристигне во Сараево, каде што ќе се обрати на војниците од мисијата на ЕУ ЕУФОР „Алтеа“ и ќе се сретне со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Во среда, Коста ќе ја посети Подгорица на разговори со црногорскиот претседател Зоран Милатовиќ, премиерот Милојко Спаиќ и други владини претставници. Потоа ќе отпатува за Приштина, каде што ќе се сретне со косовската претседателка Вјоса Османи.

На 15 мај, Коста ќе биде во Скопје, каде што ќе се сретне со премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, и претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Истиот ден, тој ќе ја посети Тирана, каде што ќе разговара со албанскиот премиер Еди Рама и претседателот Бајрам Бегај. Планирана е и средба со студенти од локалниот огранок на Колеџот на Европа.

Во петок Кошта што ќе учествува на самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ) во Тирана. ЕПЗ е меѓувладин форум за политичка стратегија што ги обединува над четириесет европски земји, а беше создаден во 2022 година по руската инвазија на Украина.

Проширувањето на ЕУ во Западен Балкан ќе биде високо на агендата на самитот поради растечката нестабилност во регионот.

Лидерите на земјите-членки на ЕУ стравуваат дека надворешни сили се зацврстуваат во регион кој е составен дел од Европа.

„Од страната на Европскиот совет, постои широк политички консензус дека проширувањето е најважната геополитичка инвестиција што може да се направи за стабилноста, мирот и просперитетот на цела Европа, вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан“, рече Кошта.

Претседателот на Европскиот совет истакна дека „земјите од ЕУ и Западен Балкан делат заедничка визија, бидејќи припаѓаат на европското семејство“.

„Затоа треба да работиме за да можат формално да се приклучат на ова семејство, во рамките на Европската унија“, додаде тој.

Европските институции честопати ја посочуваа 2030 година како целен датум за првите пристапувања кон ЕУ, особено оние на Албанија, Црна Гора и Србија. Сепак, Брисел сега зборува само за Албанија и Црна Гора. Македонија во овие планови речиси воопшто не се споменува поради неспроведувањето на уставните измени, а и заостанувањето во реформите

„Немам фиксен датум. Зошто 2030 година? И зошто не порано? Пристапувањето е процес базиран на заслуги. Ако земјите ги спроведат реформите, тие би можеле да се приклучат дури и пред 2030 година“, рече Кошта.

„Но, токму заслугите можат да се променат. Албанија и Црна Гора се очигледно понапред од другите земји.“

Сепак, војната на Русија во Украина доведе до повторно оживување на тензиите на Западен Балкан, особено во однос на тензиите во Босна и меѓу Србија и Косово.

„Не знам подобар поттик за надминување на конфликтите што сѐ уште се отворени од оваа можеби единствена можност, а тоа е членството во Европската унија. Тоа е најдобриот услов да им се понуди на земјите од Западен Балкан можност за просперитет што тешко би ја пронашле на друго место“, рече Кошта.

Според бројни анкети на јавното мислење, мнозинството Срби го изгубиле интересот за ЕУ ​​поради двоумењето на блокот околу проширувањето.

„Најважно е да се разбере значењето на Европската Унија. Минатата недела ја прославивме 75-годишнината од Шумановата декларација, првиот чекор кон денешната Унија“, забележа Коста.

„Она што навистина ја изгради ЕУ беше волјата за надминување на раните од историјата“, вели Кошта во интервјуто за Еуроњуз.

Србија, клучна земја?

Српската политичка криза е извор на загриженост и за ЕУ ​​и за НАТО.

Српскиот претседател Александар Вучиќ беше единствениот лидер од земја-кандидат за ЕУ ​​што учествуваше на комеморациите за Втората светска војна во Москва на 9 мај. Единствениот присутен лидер на земја-членка беше словачкиот премиер Роберт Фицо.

Вучиќ и Фицо на тој начин го прекинаа бојкотот на прославите што западните земји му го наметнаа на Кремљ. Слично на тоа, Србија никогаш не се приклучи на санкциите против Русија што ги наметна ЕУ по инвазијата на Украина.

За многу Срби, нивната земја, која во тоа време беше дел од Југославија, е должна на Советскиот Сојуз за тоа што беше ослободена од Црвената армија во 1945 година. Присуството на Вучиќ на московските прослави не беше нужно знак за неговата поддршка за каузата на Кремљ во неговата војна во Украина.

Владата на претседателот Вучиќ е потресена од месеци демонстрации во Белград и други градови низ целата земја. Демонстрантите го обвинуваат неговиот режим за корупција и за ограничување на политичките и медиумските слободи.

Минатата недела, Европскиот парламент се заложи за каузата на студентските демонстранти во Србија.

Во Стразбур, политичарите на ЕУ со големо мнозинство го одобрија необврзувачкиот извештај за Србија, подготвен од хрватскиот социјалист Тонино Пицула. За европратениците, и покрај одреден економски напредок, на Белград сè уште му недостасуваат во однос на внатрешниот политички дијалог, владеењето на правото и борбата против корупцијата.

За време на работниот состанок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатиот месец, Вучиќ „беше многу јасен за формирањето нова влада и за одобрувањето на три основни реформи: изборниот закон, слободата на печатот и борбата против корупцијата“, рече Кошта.

Претседателот на Европскиот совет нагласи дека „проширувањето е пред сè процес на внатрешни реформи“.

Коментирајќи го присуството на Вучиќ во Москва и политичките тензии во Србија, Кошта рече дека еден од условите за пристапување е заедничката надворешна политика меѓу ЕУ и потенцијалните земји-членки.

Сепак, тој додаде: „На 9 мај во Москва, прославивме еден настан од минатото. Иднината на Србија е во Европа“.