Албанците масовно во Струга по горива – метеж на „Ќафасан“
Ниските цени на горивата и поевтините прехранбени продукти во Македонија предизвикаа вистински метеж на граничниот премин Ќафасан. Најголем дел од патниците доаѓаат од пограничните места во соседна Албанија на еднодневни посети во Струга, со цел да ги наполнат резервоарите и да набават основни намирници.
Според официјалните податоци од СВР Охрид, само на почетокот на овој месец протокот на патници е зголемен за 11 проценти во споредба со лани. Портпаролот Стефан Димоски информира за конкретните бројки:
„Во период од 1 до 6 април во Полициската станица за ГП Ќафасан остварен е проток на 40.734 патници, што е за 11 проценти зголемување за истиот период во 2025 година кога на овој премин поминале 36.775 патници. Во првите шест дена од месецот во државата влегле 20.952 патници, а излегле 19.782.“
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека државата располага со стабилни количини на енергенси и покрај евидентниот притисок врз бензинските пумпи во пограничните зони. Тој појасни дека дневната потрошувачка е порасната од 1,5 на 2 милиони литри.
„Од аспект на количини сме стабилни, имаме доволно, тука не треба да имаме никакви стравувања. Ја продолживме и мерката 18 на 10 проценти ДДВ сè со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и бизнисите“, изјави Мицкоски при посетата на комплексот клиники „Мајка Тереза“.