Аларм во институциите: И Собранието ќе се подготви за можни хакерски напади


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на Собранието Талат Џафери, на денешната собраниска седница информира дека утре и во понеделник ќе се спроведе техничка контрола на ИТ инфраструктурата на Собранието за да се превенираат можни кибер напади. Ќе се проверува дали сајтот на Собранието и целокупниот информатички систем  е мета на хакерите и дали се доволно заштитени архивата и доверливите податоци од несакани гости.

Сајтот на МОН  веќе две недели е исклучен поради хакерскиот напад од 9 септември, а во истовреме хакери го онеспособија внатрешното функционирање на Министерството за земјоделство, каде дури и службените мејлови не се во функција, а станува збор за рансвер напад, односно за барање за откуп. Случаите се пријавени, но со денови се работи на оспособувањето, на изработка на дополнителна заштита, а сајтот на МОН ќе биде поставен на нова платформа.

Цел на хакерски напад од поголеми размери годинава беше и сајтот на Народната банка, но не беше предизвикана никаква штета врз податоците, ниту беше влезено внатре во системот. И од МОН велат дека последниот напад врз нивниот сајт не предизвикал штета бидејќи сајтот не содржи заднински податоци.

Загриженоста порасна по нападите од  поголеми размери што се случија врз инситуциите во Албанија за што беше обвинет Иран. На напади се изложени и сајтовите во Косово. И во светот ваквите напади се интензивираат, а политичарите сето тоа го доведуваат во врска со руско-украинската војна и обидите на Русија, Кина па и Северна Кореја да нанесат штети на безбедноста и економијата на државите од НАТО.