Ако си најде пари надвор од европските, Владата може да гради и „Коридор 11“

Министерот за европски прашања Муртезани ќе дели жолти картони на тие што нема да ги остварат реформите што сме ги најавиле во ЕУ


Министерот Орхан Муртеазни на брифингот со новинарите

 

Владата може да гради Коридор 10, „Коридор 11“ или кој било коридор, но освен за Коридорот 8 ќе мора самата да си најде пари надвор од Европската унија. 

Ова накратко беше поентата на денешниот брифинг на министерот европски прашања, Орхан Муртезани, на кој презентираше како ќе се имплементира Планот за раст за Западен Балкан, или поедноставно –  како ќе се трошат парите од ветените 750 милиони евра за наредните три години. Според Муртезани, Коридорот 8 била една од двете теми на кои најмногу се потрошило време на средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, покрај уставните измени, при што според она што се дозна неофицијално, таа не прашувала дали ќе го градиме воопшто – туку кога ќе го изградиме. 

„Како земја членка на НАТО треба да придонесеме за стабилноста. Јасно ми е дека одредени мои колеги имаат различно толкување, но сите прашања треба да се решат што побргу и да се изгради Коридорот 8“, рече Муртезани на брифингот со новинарите. Меѓу редови, стана јасно дека Македонија сега нема проблем само со ЕУ, со Бугарија и со НАТО околу неизградбата на коридорот, туку аларм е запален и во Албанија, па тоа станува важно прашање и за „Вреди“. 

На новинарската забелешка дека секој ден слушаме изјави за изградба на брза пруга кон Белград и проблематизирање на изградбата на Коридорот 8 кон Бугарија и како ќе се остварува договореното со Брисел кога едно потпишуваат а друго прават, Муртезани рече дека тој лично ќе се држи до формалниот пристап, односно тоа што сме напишале дека ќе направиме да го направиме, а за сите проекти за кои се зборува надвор од потпишаното им порача на министрите сами да си најдат пари.

Тој исто така оцени дека Македонија ништо нема да заштеди ако се ревидира проектот, бидејќи пари се обезбедени за ваков каков што е, и ако е поевтин, земјата нема да заштеди бидејќи се европски. Тој најави уште една дополнителна консултација со Бугарија за да се утврди точно динамиката според која ќе тече изградбата.

Министерот притоа негираше дека ако не се остварат уставните измени нема да има пари од Планот за раст, со оценка дека тоа не е услов за овој процес иако е дел од пристапниот, но за него веќе има донесено одлука, условите се пропишани, датумите за имплементација се утврдени и, ако не исполниме тоа што сме најавиле како реформа, ќе ги изгубиме парите, гледајќи го главниот проблем во капацитетот за апсорпција на нашите институции. 

„Уставните измени се пречка за продолжување на преговорите со ЕУ, не се пречка за остварување на реформската агенда“, порача Муртезани, негирајќи исто така дека имало некакви дополнителни услови за добивање на фондовите .

Околу различнитѕе толкувања, имало ли промена во ставот на Фон дер Лајен во однос на уставните измени, Муртезани рече дека одговорот зависи од тоа каде ја бараме промената на реториката.

„Условот да се направат уставните измени опстојува и без него не можеме да се движиме напред. Промена има во неодбивањето од претседателката на ЕК на нашиот предлог, без притоа да се конкретизира предлогот, што значи дека се создава простор кој би можел да нè води до потенцијално решение. Новината од посетата е тоа и мислам дека веќе е конкретизирано дека таков простор постои и ќе се интензивира следната недела откако ќе завршат изборите во Бугарија“, најави Муртезани. 

Според него, има слух во Брисел за настојувањето на Владата да не се дозволи билатерализација на процесот по уставните измени и да спречиме откако ќе се отворат преговорите – тие вечно да траат. Иако Владата пратила порака дека е подготвена за дијалог, во моментов немаат воопшто комуникација со Софија, така што испаѓа дека работата е половина завршена – само од наша страна.

Токму различното толкување на содржината на протоколот со Бугарија, според Муртезани, е основа врз која дејствува сега Владата, иако од страна на Софија се тврди дека условите се позиција на ЕУ (што значи непроменливи и бараат нов консензус), а не на Бугарија. Но, смета тој, доколку Скопје и Софија се договорат билатерално за други решенија, ниту една земја членка на ЕУ нема да има ништо против тоа. Уште повеќе, оцени тој, не е само наш интерес да станеме земја членка на ЕУ  туку и на Бугарија, така што има интерес и во ЕУ за нивно подобрување. Тој притоа децидно кажа дека нема да има писмо до Брисел и земјите членки, бидејќи во моментов може да биде контрапродуктивно, а сѐ што имале веќе им кажале на функционерите од Унијата.

Од она што го презентираше околу обврските поврзани со Планот за раст за Западен Балкан што се содржани во Реформската агенда што ја достави во Брисел нашата држава, а која беше официјално одобрена вчера од страна на ЕК, испаѓа дека нѐ чека сериозен тест кој ќе покаже и колку има волја за реформи, и колку капацитет имаат институциите да ги спроведат. Од она што го видел досега, Муртезани смета дека како држава сме шампиони во усвојување на регулативата на ЕУ, но сме многу слаби кога треба да се спроведува.

Иако процесот ќе трае практично три години (со оваа четири) ќе биде толку комплексен што ќе наликува како целата јавна администрација да се „запише“ во училиште и во одреден рок, за одредени активности ќе добива (оценки) пари, а во зависност од тежината на тоа што го спроведува, т.е. реформата, ќе добива од еден милион  до 8 милиони евра. Откако ќе добиеме 52,5 милиони евра годинава како буџетска поддршка, сумата што ќе преостане ќе ја добиваме во две исплати годишно наредните три години, а неа Муртезани ја оцени како извонредно голема и силен мотив да ги направиме реформите што на брза лента ќе нѐ подготват за членство во Унијата.

 

Според она што беше презентирано, ќе има пет нивоа на реформски чекори, а најтешките (највисокото ниво) ќе се наградуваат со 8-те милиони евра, а најлесните на најниското ниво само со еден милион евра. Најголем дел од средствата (дури 38 отсто ќе одат на најтешките реформи), а една третина ќе бидат буџетска поддршка. Поконкретно, 111 милиони евра ќе одат за реформа во управувањето со јавните финансии и јавната администрација, 145,5 милиони евра за зелена транзиција, 67,4 милиони евра за дигитализација, 193,7 милиони евра за деловно опкружување, 148,7 милиони евра за владеење на правото и фундаментални права и за развој на човечки капитал 83,4.

Ако реформите не се остварат во договорениот рок, ЕК ќе ни даде „грејс период“ од 24 месеци за првата година бидејќи доцни процесот генерално, а за наредните години тој грејс период ќе биде 12 месеци, по што парите ќе одат во други џепови, т.е. ќе ги изгубиме. Околу дилемата мора ли Македонија да биде дел од овој процес кога нема ни политичка волја ни апсорбционен капацитет за имплементирање, Муртезани посочи дека Планот за раст е дел од евроинтегративниот процес и ако сме земја кандидат – мора да се вклучиме. 

Најголема главоболка според министерот е структурата за имплементација на реформите, за што добиле упатства од Брисел како треба да изгледа, при што за секоја активност треба да стои име и презиме на тој што ќе биде одговорен во институциите. Генерално, тој соопшти дека се предвидени 37 реформи со 136 чекори, но ако не се подобри капацитетот на администрацијата прашање е колкав процент од парите може да повлечеме, бидејќи како што оцени, во Брисел сме пратиле список на проекти што личи на список на желби, кои треба „да созреат“. Тој притоа порача дека е најдобро да заборавиме на грејс периодот и да ја следиме динамиката што е договорена, инаку ќе се натрупаат обврските за реформи и ќе се зголеми опасноста да не се добијат средствата што ни се ветени. Притоа беше споменато дека до јуни идната година треба да се спроведе стратегијата за реструктуирање на поштата и железницата и дека една од првите реформи ќе биде реформата на јавните финансии, но комплетниот список ќе биде објавен идната недела. 

„Целта е брзо да се подготвиме за членство во ЕУ. Јас веќе купив три картони – зелен, жолт и црвен и ако треба и јавно ќе ги давам на институциите што нема да ги остварат реформите“, најави амбициозно Муртезани.

Тој исто така оцени дека мотив за спротивното имаме бидејќи ќе добиеме 750 милиони евра со крајно поволни услови. 

„Мислам дека ова е причина за ентузијазам, не треба да гледаме само: нема уставни измени, ние сме блокирани и да бидеме во депресија. Уставните измени не се пречка за Реформската агенда, дури и ние ако сме супер успешни, тогаш ќе и правиме дополнителен притисок на Бугарија, бидејќи ние ќе бидеме супер подготвени, а Бугарија нè кочи нерационално“, изјави Муртезани.