Ако не сте знаеле, во Македонија постои Агенцијата за нуклеарна технологија, сега ќе биде укината


Во Македонија уште од 2010 година постои Агенцијата за нуклеарна технологија за која ретко кој слушнал. Две комисии во Собранието дале зелено светло таа да биде укината, а со неа и законот за формирање национална агенција за нуклеарна технологија. Овој закон беше одобрен во 2010 година на предлог на тогашното Министерство за образование, предводено од министерот Никола Тодоров. Оваа Агенција од своето формирање никогаш немала вработени.

Целта на тогашното формирање на оваа агенција беше развој на технологии и истражувања од областа на нуклеарната физика, физиката на елементарните честички и други истражувања од областа на нуклеарната наука. Било предвидено Агенцијата да учествува во научните програми на Европската организација за нуклеарни истражувања ЦЕРН, да развива апликации за индустријата, медицината, енергијата и нуклеарната технологија.

Секоја година за оваа агенција се издвојуваат средства од државниот буџет, но последен пат оваа Агенција потрошила средства во 2014 година. Претходно на сметката на Агенцијата се уплаќале трошоци за патување во странство, но нема информации кој од таа сметка отпатувал во странство. Пари се одвојувале само за хонорарите на членовите на управниот одбор и за академик од МАНУ.

Оваа агенција финансиски е активна само две години. Во првите пет години од формирањето на Агенцијата, според буџетските планови на располагање беа речиси 400 илјади евра. Канцелариите на Агенцијата до пред три месеци беа во зградата „Една точка за услуги“, до Уставниот суд. Последните пари што ги потрошиле биле 2,5 илјади евра за теписи во мај 2014 година.