Акционерите на „Тесла“ ја одобрија астрономската плата на Маск
Акционерите на „Тесла“ го одобрија рекордниот пакет плати на Елон Маск, кој, доколку ги исполни сите поставени цели, би можел да достигне речиси билион долари.
Тоа е најголемиот бонус за извршен директор во корпоративната историја, кој беше поддржан од 75 проценти од гласовите на акционерите присутни на годишниот состанок на компанијата во Тексас. Одлуката беше придружена со стоечки овации, а Маск славеше на сцената, со музика и публика која го скандираше неговото име.
„Она што го започнуваме не е само ново поглавје, туку цела нова книга за иднината на ‘Тесла’“, рече Маск. „Другите состаноци на акционерите се приспивни песни, а нашите се спектакл.“
Надоместокот на Маск нема да биде стандардна плата. Наместо тоа, целиот износ е поврзан со исполнување на многу амбициозни цели – зголемување на пазарната капитализација на „Тесла“ од 1,4 на 8,5 билиони долари, воведување на милион роботакси во комерцијално работење и постигнување на низа технолошки и финансиски пресвртници.
Ако тоа се случи, Маск би добил 423,7 милиони нови акции на „Тесла“, во вредност од речиси билион долари.
Менаџментот на компанијата ја бранеше одлуката, нагласувајќи дека без таков поттик, Маск би можел да ја напушти „Тесла“, што, како што тврдат, „компанијата не може да си го дозволи“.
На разочарување на некои аналитичари, Маск во својот говор го нагласи хуманоидниот робот Оптимус, наместо оживувањето на продажбата на електрични возила.
„Погледнете каде е неговиот фокус“, напиша Џин Манстер од Дипвотер Асет Менаџмент на X. „Неговата „нова книга“ започнува со Оптимус. Нема ниту збор за автомобили, FSD или роботски такси“.
Подоцна, Маск се осврна на автономниот систем за возење FSD (Full Self-Driving) на „Тесла“, тврдејќи дека компанијата е „скоро подготвена“ да им дозволи на возачите „буквално да испраќаат пораки додека автомобилот сам вози“. Американските регулатори сè уште ја истражуваат технологијата по серија инциденти во кои возилата на „Тесла“ поминале на црвено светло или завршиле во погрешна лента, во некои случаи со повреди, пишува Би-Би-Си.