„Твитер“ загуби 2 милијарди долари: Повлекувањето на Маск ги турна акциите во пад од 7 отсто


Акциите на „Твитер“ паднаа за 7,2 отсто на 34,17 долари утринава на тргувањето во 6:40 часот по ET, пред официјалното отворање на Волстрит, откако Илон Маск се повлече од договорот за купување на компанијата за 44 милијарди долари.

Компанијата е на пат да загуби околу две милијарди долари од пазарната вредност, откако Маск се откажа од договорот за купување и приватизација на тој социјален медиум, пренесува „Блумберг“.

Акциите на „Тесла“, производителот на електрични автомобили на чело со Маск, ослабеа за 0,3 отсто.

Акциите на „Твитер“ се тргуваат далеку под цената од 54,20 долари по акција што Маск ја понуди да ја преземе во април.

Најбогатиот човек на планетата, сепак, целосно ја повлече понудата, наведувајќи дека „Твитер“ не ги презентирал вистинито податоците за бројот на лажни кориснички сметки тврдејќи дека бројот на спам (несакана пошта) испратени автоматски е многу поголем од она што објави компанијата. 

„Твитер“ ги негираше тврдењата на Маск, велејќи дека ботови сочинуваат помалку од 5,0 отсто од вкупните корисници, а директорите на социјалната мрежа минатиот четврток повторија дека нивните проценки се точни.

Претседателот на „Твитер“, Брет Тејлор, најави дека компанијата ќе преземе правни мерки за да ја затвори трансакцијата „по цена и по услови договорени со Маск“.

„Твитер“ ангажираше адвокат од „тешка категорија“ за преземања и спојувања, канцеларијата „Vochtel, Lipton, Rozen and Katz“ и има намера да поднесе тужба на почетокот на оваа недела, според „Блумберг“ повикувајќи се на извори запознаени со плановите.

На ова реагираше Маск објавувајќи меме со кои се исмева на оваа најава, според кои во случај на тужба сега ќе треба да соопштат информации за ботовите на судот.